Потпретседателот на Собранието и претседател на Комисијата за европски прашања, Антонијо Милошоски, заедно со пратеничките Жаклина Пешевска и Соња Мираковска, претставнички во Мешовитиот парламентарен комитет, се сретнаа со делегација на студенти на постдипломски студии од Колеџот на Европа – кампус Тирана, од Одделот за европска трансформација и интеграција.
Потпретседателот Милошоски им посака добредојде на студентите и ги запозна со работата и надлежностите на Собранието и на Комисијата за европски прашања. Пратеничките Пешевска и Мираковска се осврнаа на работата и улогата на Мешовитиот парламентарен комитет. Во продолжение на средбата, студентите имаа можност да постават прашања и да разменат мислења со соговорниците.
Во фокусот на разговорот беа прашањата поврзани со правата на жените и нивното учество во политичкиот живот, родово базираното насилство, правото на абортус и фемицидот. Разговарано беше и за јавните и надзорните расправи, како и за начинот на кој овие механизми се регулирани во македонското законодавство.
Соговорниците разменија мислења и за безбедносната состојба во регионот, руската агресија врз Украина, заштитата на мирот и безбедноста во Европа, малцинските права, консензуалниот пристап при донесувањето одлуки и гласањето, како и за изборниот модел.
Посебно внимание беше посветено на процесот на европска интеграција на нашата земја и земјите од Југоисточна Европа. Во тој контекст беа разгледани и актуелните односи со Бугарија, како и билатералните прашања во рамки на процесот на пристапување кон Европската Унија.
фото Собрание