На денешната прес-конференција министерот за здравство информираше за актуелната епидемиолошка состојба во Гостивар, како и за состојбата со вектор-преносливи заболувања во земјава.

Во Гостивар денеска се евидентирани 109 нови први контакти, додека во изминатите четири дена нивниот број се движи од 80 до 125 дневно. Според податоците од претходните години, просечно во текот на јули, во Гостивар биле пријавувани по 25 заразени лица.
Во моментот се евидентирани вкупно 869 формални пријави, а досега е спроведена епидемиолошка анкета со 622 лица.
По консултација со Комисијата за заразни болести, Министерството за здравство донесе одлука за воведување засилен здравствен надзор во постакутна епидемиолошка фаза. До сите јавни здравствени установи и матични лекари ќе бидат доставени соодветни упатства за навремено следење, информирање и рано препознавање евентуални случаи на хепатит А и Е, како и на други заразни заболувања што може да се појават како последица на епидемијата.

Паралелно, Министерството спроведува сеопфатна анализа и евалуација на текот на епидемијата и на настанатата состојба. Анализата го опфаќа системот за пријавување, како и актуелните и ретроспективните податоци собрани преку системот Мој Термин. Целта е да се утврдат можностите за дополнително унапредување на системот и да се зајакне неговото навремено и ефикасно функционирање.

Следење на вектор-преносливи заболувања

На последната седница на Комисијата за заразни болести беше разгледана и состојбата со вектор-преносливи заболувања. Под засилена опсервација се четири заболувања: маларија, денга, зика и западнонилска треска.

По две години без регистриран случај на маларија, годинава се потврдени четири случаи кај туристи кои престојувале во Занзибар и на Малдиви. Регистрирани се и три случаи на денга и еден случај на зика, сите поврзани со престој на Малдивите. Станува збор за возрасни пациенти со коморбидитети.

Министерството апелира граѓаните кои патуваат во тропски земји доследно да ги следат препораките на Светската здравствена организација во однос на потребната вакцинација и профилакса. До матичните лекари ќе биде упатена препорака при прегледите задолжително да ги земат предвид податоците за неодамнешни патувања во тропски земји, со цел навремено препознавање, дијагностицирање и третман.

Во однос на западнонилската треска, досега се евидентирани осум случаи, од кои два во текот на јуни. Станува збор за повозрасни пациенти со придружни заболувања. Во координација со Државниот санитарен и здравствен инспекторат се дадени насоки за контрола на спроведувањето и опфатот на дезинсекцијата во општините.

Министерството за здравство останува посветено на континуирано следење на состојбата, навремено преземање конкретни мерки и транспарентно информирање на јавноста. Во соработка со Комисијата за заразни болести, здравствените установи, матичните лекари, инспекциските служби и локалните самоуправи, ќе продолжиме да дејствуваме координирано за заштита на здравјето на граѓаните.

фото Министерство за здравство