Соопштение на Левица:

Политичката партија Левица изразува сериозна загриженост поради жалбите на пациенти со трансплантиран бубрег и пациенти на дијализа дека во здравствениот систем постои недостиг од еритропоетинска терапија (EPO), вклучително и препаратите Recormon и други еквивалентни лекови, кои претставуваат незаменлив дел од третманот за контрола на анемијата кај пациентите со хронични бубрежни заболувања.

Лекот веќе извесен период не е достапен во здравствените установи, при што надлежните институции не обезбедиле соодветна терапевтска замена ниту јасен временски рок за надминување на проблемот. Поради тоа, дел од пациентите се принудени самостојно да набавуваат терапија од странство, додека други остануваат без неопходниот третман, додека нивното здравје и живот се во сериозен ризик.

Било каков вид прекин во снабдувањето со лекови од витално значење е недозволив! Ваквите пропусти не се изолиран инцидент, туку се уште една потврда за несериозниот пристап во управувањето со јавното здравство на Владата и Министерството за здравство под раководство на ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН. Наместо навремено планирање, сигурно снабдување и одговорно менаџирање со јавните ресурси, граѓаните повторно се оставени сами да се снаоѓаат за терапија од која директно зависи нивниот живот.

Оттука, Левица бара Министерот за здравство Азир Алиу, директорот на Фондот за здравствено осигурување Сашо Клековски, како и директорот на Малмед Сабри Алити итно да ја информираат јавноста за причините за недостигот на еритропоетинската терапија, да презентираат конкретен план за нормализирање на снабдувањето и без одлагање да обезбедат достапност на лековите за сите пациенти на кои им се неопходни со интервентен увоз во најкус можен рок. Истовремено, очекуваме да биде утврдена и институционална одговорност доколку се покаже дека станува збор за пропуст во планирањето, јавните набавки или управувањето со здравствениот систем.

Здравството не смее да функционира според логиката на импровизација, а животот на пациентите не смее да биде заложник на административна неспособност. Левица останува доследна на ставот дека државата има обврска да обезбеди достапна, квалитетна и навремена здравствена заштита за сите граѓани, особено за оние кои зависат од континуирана и животоспасувачка терапија.