Во текот на сесијата на Парламентарното собрание на Советот на Европа, која се одржува во Стразбур и на која учествуваат Иванка Василевска, во својство на заменик-шеф и членовите Беким Ќоку и Бисера Костадиновска Стојчевска, една од темите која предизвика големо внимание беше заштитата на демократијата од нарушувањата предизвикани од вештачката интелигенција.
Во своето обраќање на оваа дебата, Иванка Василевска истакна дека вештачката интелигенција има потенцијал да ја зајакне демократијата преку подобрување на процесот на донесување одлуки и зголемувањето на учеството на граѓаните, но, таа исто така носи ризици како што се дезинформациите, лагите и мешањето во изборните процеси. Со цел да се обезбеди вештачката интелигенција да биде од корист за општеството, таа мора да се развива и користи одговорно, транспарентно, праведно и со почитување на човековите права. Василевска нагласи дека Рамковната конвенција на Советот на Европа за вештачка интелигенција е првиот правно-обврзувачки договор кој ја регулира оваа област и информираше дека државата стана потписник на оваа значајна конвенција на 8 мај 2026 година, со што ја демонстрира својата посветеност кон етичкиот развој на вештачката интелигенција.
Пратеничката Бисера Костадиновска Стојчевска, во име на партиската група на социјалистите, демократите и зелените, се вклучи во расправата за елиминирањето на родовите стереотипи во медиумите, нагласувајќи дека често во медиумите се даваат поедноставени и погрешни прикази на жените и мажите што ги зајакнуваат традиционалните родови улоги и придонесуваат за нееднаквост. Таа истакна дека жените често се прикажани како лица кои се грижат за другите, додека мажите се прикажани како силни, успешни лидери. Според Костадиновска Стојчевска, овие стереотипи ги обликуваат јавните ставови и можат негативно да влијаат врз самодовербата на децата, изборот на кариера и разбирањето на родовите улоги. Таа заклучи дека елиминирањето на родовите стереотипи во медиумите е од суштинско значење за промовирање на еднаквоста и создавање поинклузивни општества.
Пратениците Иванка Василевска, Беким Ќоку и Бисера Костадиновска Стојчевска остварија повеќе билатерални средби во текот на сесијата, активно учествуваа во работата на комисиите и на поткомисијата за Западен Балкан, како и во специјализираните иницијативи на Парламентарното собрание, како парламентарната алијанса за слободни и фер избори, комитетот за новиот демократски пакт и други.
фото Собрание
ПОПУЛАРНО НА ИНТЕРНЕТ...