Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, денес оствари билатерална средба со претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, на која беше потврдена традиционално блиската, пријателска и стратешка соработка меѓу двете држави. На средбата беше изразено заедничко задоволство од одличните политички односи, кои се темелат на меѓусебна почит, доверба и искрено пријателство меѓу двата народа. Соговорниците разговараа за можностите за дополнително продлабочување на економската соработка, зголемување на трговската размена, нови инвестиции, како и за унапредување на соработката во областа на инфраструктурата, енергетиката, туризмот, образованието и одбраната. Премиерот Мицкоски ја нагласи важноста на Турција како значаен економски и политички партнер, истакнувајќи дека Владата останува посветена на создавање поволна и предвидлива деловна клима за нови турски инвестиции и отворање нови работни места. Претседателот Ердоган ја потврди поддршката на Турција за развојот и просперитетот на нашата држава, како и подготвеноста за понатамошно зајакнување на билатералните односи во сите области од заемен интерес. Во рамки на разговорите беа разменети мислења и за актуелните регионални и меѓународни предизвици, при што беше нагласена потребата од стабилност, соработка и економски развој на регионот. Двајцата соговорници изразија уверување дека односите меѓу двете пријателски држави ќе продолжат да се развиваат со уште посилна динамика во периодот што следува.

фото Влада