Прес конференција на Андреј Жерновски:
Случајот со Алта банка покажува зошто Мицкоски и неговите не сакаат Македонија да стане членка на Европската Унија, порача секретарот за меѓународна соработка на СДСМ, Андреј Жерновски, на денешната прес-конференција. Тој истакна дека европските правила и механизмите за одговорност се пречка за криминалот, корупцијата и влезот на валкани пари.
„Ете, тоа е причината зошто Мицкоски и неговите не сакаат да ја видат Македонија во Европската Унија. Затоа што, ако Македонија беше во Европската Унија, тогаш немаше да ни се случи Алта банка, бидејќи самата Европска Унија забрани влез на валкани пари на нејзиниот пазар“, нагласи Жерновски.
Тој порача дека членството во ЕУ би значело и одговорност за криминалот од ваков размер.
„Немаше да ни се случи да имаме криминал од ваков размер, туку Мицкоски веќе ќе одговараше пред Лаура Ковеши, којашто е шефица на Европското јавно обвинителство“, истакна тој.
Жерновски посочи дека катастрофалните оценки во извештајот на Европската комисија се директна последица на начинот на кој владеат Мицкоски и ВМРО-ОКГ. Политичката контрола врз институциите и отсуството на резултати во борбата против корупцијата го закочуваат европскиот пат.
„Имаме криминална власт којашто целосно сака да го контролира судството и врши притисок врз судството. Криминалот и корупцијата се во врвот на агендата. Европскиот пат, како што гледаме, е максимално закочен, а стандардот на граѓаните опаѓа, што значи дека и квалитетот на живот станува сè полош. Накратко кажано, сè оди надолу, сè е полошо и полошо“, рече секретарот за меѓународна соработка на СДСМ.
Тој нагласи дека власта ја оставила корупцијата недопрена, истовремено вршејќи притисок врз правосудството и медиумите.
„Власта го зароби судството, го задуши медиумскиот простор и ја остави корупцијата недопрена, а корупцијата го јаде обвинителството, го јаде судството, го јаде општеството во целост“, подвлече Жерновски.
Осврнувајќи се на најважниот кластер во пристапниот процес, тој потенцираше дека извештајот јасно го покажува отсуството на резултати на Владата во клучните области.
„Имаме нула напредок во седум области. Меѓутоа, она што посебно загрижува е што најважниот кластер е Кластерот 1, тој се однесува на темелите и директно ги набележува недостатоците или немањето каков било резултат на оваа влада. Реков, се констатира застој во борбата против корупцијата, слободата на изразување и јавните набавки, но придружени со директни политички притисоци и врз правосудството и врз медиумите“, истакна тој.
Жерновски порача дека оценките од Брисел ги потврдуваат предупредувањата што СДСМ ги изнесува во јавноста.
„Извештајот покажува дека сè тоа што го зборувавме наназад година дена како СДСМ беше точно и е вткаено во текстот на овој Извештај“, нагласи Андреј Жерновски.
фото/видео СДСМ