Регионалната соработка е минималното ниво на политики и практики за успешно воспоставување и унапредување на зелената економија, а во рамките на таа сфера и циркуларната економија. Во краткиот разговор со Националниот координатор за Отворен Балкан и за регионални иницијативи, Марјан Забрчанец, ги откриваме клучните елементи на овие процеси.
Забрчанец е специјалист по односи со јавност, комуникациски стратегии и стратешко планирање, со разновидно 20-годишно професионално искуство во граѓанскиот, приватниот и јавниот сектор.
ЦИВИЛ МЕДИА: На кој начин регионалното поврзување како што се Берлинскиот процес, Отворен Балкан или билатералните спогодби помагаат во развојот на зелената економија?
ЗАБРЧАНЕЦ: Регионалните иницијативи може да бидат многу податливи за зелените политики, особено ако се има предвид дека зелените политики припаѓаат во спектарот на прогресивни и либерални политики. Имено, регионалната соработка на Западен Балкан е можна само ако во шесте држави има доволен обем претставници и лидери кои припаѓаат на прогресивните опции.
Регионалните инвестиции во производство на енергија од обновливи извори, како што е инвестицијата во гасната централа и гасоводот Александропули, се пример за тоа дека соработката може да води до унапредена регионална зелена економија.
ЦИВИЛ МЕДИА: Со кои капацитети располагаат земјите во регионот на Западен Балкан во контекст на развојот на зелената економија?
ЗАБРЧАНЕЦ: Западен Балкан има капацитет да привлече големи енергетски инвестиции со кои ќе се користат сонцето и ветрот за производство на струја, како обновливи извори кои на овие простори ги имаме во изобилство.
Предуслов за тоа е регионот сѐ повеќе и повеќе да станува единствен пазар, да се отстрануваат економските бариери и граници и да се обезбедува што е можно повеќе слободен проток на луѓе, услуги, производи и стоки меѓу шесте држави, но и меѓу регионот и земјите членки на ЕУ.
ЦИВИЛ МЕДИА: На кој начин влијаат политичките кризи во земјата врз циркуларната економија, како во нашата, така и во други земји? Кои се Вашите сознанија и препораки?
Држави кои се соочуваат со внатрешни политички кризи и кои демонстрираат национализам на внатрешен и надворешен план – не се во можност искрено и суштински да соработуваат со своите соседи.
Имено, национализмот подразбира наметнување на еден етнуикум наспроти друг, а во случајот на Западен Балкан тоа неминовно подразбира и конфликти со соседите и меѓу различните етнички групи кои се прелеваат од една во друга држава.
Во случај кога постои меѓуетничка нетрпеливост на внатрешен или надворешен план во еден регион, тогаш не се исполнети основните услови за регионална соработка која има потенцијал да даде суштински резултат на кое било поле, вклучително и на поле на зелената економија.
Повеќе информации:
Извор: Civilmedia.mk