Сквернавењето на македонското знаме при синоќешната прослава на Денот на албанското знаме ги поттикна функционерите од СДСМ на своевидна иницијатива за оддавање чест кон македонскиот државен симбол.

Доцна синоќа и рано утрово, бројни функционери од СДСМ своите профилни и позадински фотографии ги заменија со фотографии со македонско знаме.

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, потпретседателите, пратениците се само дел од партиските функционери кои го истакнуваат македонското знаме.

Дополнително, синоќа и утрово реагираше и СДСМ осудувајќи ги инцидентите и барајќи од премиерот Мицкоски и министерот Тошковски соодветна реакција.

„СДСМ бара Мицкоски и Тошковски веднаш да излезат пред граѓаните и да објаснат зошто превенцијата целосно потфрли? Министерството за внатрешни работи мора итно да ги преземе сите потребни мерки за идентификација и казнување на сторителите. Законот мора да важи подеднакво за сите граѓани. Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ покажува неспособност да управува со кризни ситуации. СДСМ останува посветена на заштитата на државните симболи, достоинството на граѓаните и зачувувањето на меѓуетничкиот соживот“ се вели во соопштението од партијата.