Неодамнешната трагедија во соседството, што предизвика шок и неверување кај сите нас, го вклучи алармот и не натера да се запрашаме што се случува со денешната младина и што е тоа во детската психа што може да поттикне некого на вакво злосторство.

Тоа можеше да се случи секаде каде што примарно затаила родителската грижа за однесувањето на нивните деца.

Живееме во едно многу стресно и брзо време, кога повеќето од нас се стремат да ги реализираат своите амбиции, да спечалат и да создадат повеќе отколку што е потребно, но во таа своја себичност и трка по материјалното го забораваат она што е највредно, а тоа е да им посветат максимално внимание на своите деца. И токму поради немањето доволно време и несериозниот пристап кон нив, децата едноставно се повлекуваат, се затвораат во себе и не разговараат за своите проблеми. Едноставно стануваат „темпирана бомба“.

Родителите имаат незаменлива улога во животот на децата

Проф. д-р Силвана Марковска-Симоска, детски и адолесцентен психијатар и научен соработник во МАНУ вели дека родителите играат незаменлива улога во животот на децата и тие се потпираат на своите родители за безусловна љубов, почит и доверлив однос родител-дете, како и за емотивните потреби кои лесно се задоволуваат кога возрасните им одговараат на децата со голема љубов, и на доследен начин.

Според неа, важно е родителите да бидат доследни во нивниот стил на воспитување поради подлабока емоционална стабилност.

Секогаш ги советувам родителите за изедначување на родителските ставови, затоа што доколку детето сфати дека секогаш ќе има поткрепа кај едниот родител без разлика што ќе направи, се „минира,, другиот родител и по некое време детето ја презема улогата на авторитет во семејството. Потоа сите ќе треба да бидат потчинети на неговите барања и желби. Во денешно време тоа многу често се случува, па поради тоа допрва ќе имаме деца без емпатија, самобендисани, нарцисоидни и со „самонадуена“, лажна самодоверба, изјави Марковска-Симоска за ЦИВИЛ.

Воспитните програми во училиштата се запоставени 

Често се случува децата поради некоја причина да не можат да се вклопат во нивната околина. Ова може да биде голем проблем бидејќи детето станува „исклучено“ од општеството во време кога му се најпотребни пријатели.

Некои деца ќе се посветат на различни активности и учење, а некои немаат доволно самодоверба, па сакаат со негативно однесување да привлечат внимание на себе.

Се поставува и прашањето дали училиштата се само образовни институции или имаат и воспитна функција. За жал, реалноста е таква што училиштето сè повеќе ја губи воспитната функција или целосно ја изгубило. Големо внимание е посветено на програмите за учење и наставата, а воспитните програми се запоставени или не постојат.

На оваа тема одговор побаравме од директорката на ООУ „Кочо Рацин“ во Скопје, Гордана Јаневска, што конкретно се презема во нивното училиште и дали постојат превентивни програми за борба против врсничкото насилство.

директорка на ООУ „Кочо Рацин“ во Скопје, Гордана Јаневска

Во денешно време се обрнува внимание на развојот детето, на постепено созревање, емотивна стабилност и сигурност. Со оглед на брзото и урбано живеење соочени сме со состојби кои им се несвесно дозволени на децата, при што постапките рефлектираат со катастрофални последици. Да се потсетиме дека правата на децата се секогаш поврзани и со одговорности. Со наставната програма од МОН и професионалноста на наставничкиот кадар, одредени наставни единици се имплементирани и се изучуваат секакви теми за оформување на карактерот, поттикнување на размислување и решавање на ситуации, како што е конфликт, насилство, добрина, солидарност, хуманост и др. Покрај изучување на теорија се практикува и пракса, се што е изучено да се примени во секојдневниот живот. За целиот наставен процес да биде успешен, за детето да го разбере и прифати начинот на правилно однесување, многу е важна соработката со родителите, како и посветеноста на родителите на развојот на детето. Во нашето училиште често се одржуваат предавање за актуелните теми: Безбедност во сообраќајот, врсничко насилство, булинг, стекнување самодоверба…, објасни Јаневска за ЦИВИЛ.

Влијанието на социјалните мрежи врз тинејџерите 

Во врска со иницијативата на Министерството за образование и наука за забрана на социјалната мрежа ТикТок во државата, Јаневска одговори дека „мобилните телефони се забранети за време на часови во училиштето, а достапноста на недозволени апликации е секако искривена слика на нормалното, проследена со многу насилство и агресија“.

Околу влијанието на социјалните медиуми врз тинејџерите, проф. д-р Силвана Марковска-Симоска додаде дека „92 отсто од адолесцентите секојдневно користат интернет. Осумдесет и осум проценти од тинејџерите имаат пристап на мобилен телефон и, од нив, 90 проценти ги користат за размена на текстуални пораки. Типичен тинејџер испраќа и прима повеќе од 30 пораки дневно. Понатаму, поголемиот дел од тинејџерите користат повеќе од една страница на социјалните медиуми, најпопуларни од нив се ТикТок, Инстаграм, Снепчет, Фејсбук и Твитер“.

Кај 13-годишници е констатирано дека „нема цврста линија помеѓу нивниот реален и онлајн или нереалниот виртуелен свет. Социјалните медиуми се нивниот социјален живот…“ Ова може да има огромни штетни последици врз адолесцентите додека се во вулнерабилен период во кој активно се обидуваат да откријат кои се тие и како тие се вклопуваат во општеството, и со интензивна желба да бидат популарни и прифатени. Адолесцентите кои имаат слаби социјални вештини честопати сметаат дека социјалните медиуми не се заканувачки и се корисни за развивање пријателства и/или романтични односи. Социјалните медиуми исто така го доведуваат во прашање развојот на идентитетот во прв план, смета детскиот психијатар.

Дополнително со видео игрите или со поттикнување на некои насилни однесувања агресијата повеќе испливува на површина. Докажано е дека бројот на насилни деца е поголем во средини кои имаат низок социјален стандард.

Училиштето како институција може да го реши проблемот со врсничко насилство преку учење на децата на добрина и емпатија низ социо-емоционално учење за време на различни акции и работилници. Треба да се разговара за разликите меѓу луѓето и за прифаќањето на тие разлики. Она што е добро е дека ваквото однесување се препознава како проблем, но тоа е проблем на целото општество, а не само на семејството или училиштето.

Секогаш кога се работи за насилно дете, веднаш треба да се организира сеопфатна евалуација од квалификуван професионалец за ментално здравје. Раниот третман од страна на професионалец често може да помогне. Целите на третманот обично се фокусираат на помагање на детето да научи како да го контролира својот/нејзиниот гнев; да изразуваат гнев и фрустрации на соодветни начини; да бидат одговорни за неговите/нејзините постапки; и да ги прифатат последиците. Покрај тоа, мора да се решат семејните конфликти со помош на семејна и системска психотерапија, училишните проблеми и проблемите во заедницата, нагласи детскиот психијатар Марковска-Симоска.

Таа вели дека „насилното однесување често започнува со вербални закани, но со текот на времето ескалира и вклучува физичка повреда. Насилството е научено однесување, затоа е особено важно да им помогнете на вашите деца да научат дека насилството не е здрав начин за решавање на конфликтот“.

Емпатијата како предмет во училишта 

Интересен и корисен податок е дека од 1993 година, емпатијата е задолжителен предмет во училиштата во Данска, а тоа може да биде тесно поврзано со фактот што според извештајот на ОН од пред неколку години, оваа земја е прогласена за една од најсреќните во целиот свет.

 

За време на часовите по овој предмет, учениците разговараат за нивните проблеми, без разлика дали се поврзани со училиштето или не. Потоа заедно со целото одделение бараат решенија. Основата на решенијата лежи во внимателното слушање и разбирање.

Кампањи за едукација и подигнување на свеста како заштита од напади со оружје во училишта 

Имајќи ги предвид последните случувања во соседна Србија, каде 13-годишниот Коста Кецмановиќ со пиштол уби 8 свои соученици и еден чувар во основното училиште „Владислав Рибникар“ во Белград, разговаравме и со деканот на Факултетот за безбедност, проф. д-р Никола Дујовски за тоа какви мерки се преземаат за заштита на децата и наставниците од напади во училиштата и дали треба да постојат повеќе отворени кампањи за подигнување на свеста.

Во овие денови сме сведоци дека навистина се потребни поголем број на кампањи, особено во основните и средните училишта, кои ќе одат во насока на дополнителна едукација на децата во нивниот воспитно-образовен процес заради заштита од опасностите од огнено, меѓутоа и од ладно оружје. Министерството за внатрешни работи долг временски период спроведува превентивна кампања насловена како „Безбедност во училиштата“, преку која особено со седмоодделенците и осмоодделенците се работи на четири основни работи, а тоа е: превенција од насилство, превенција од зависности, превенција во сообраќајот и правата на децата. На овој начин македонската полиција е присутна во училиштата и тоа навистина е добар пристап на активност која што ја препознаваат и од меѓународните организаци, особено ОБСЕ во еден период од спроведувањето на оваа кампања МВР и ОБСЕ заеднички изработија брошури кои се достапни за децата, особено корисна би била брошурата „Мојата безбедност зависи и од мене“, меѓутоа никогаш не е доволно превенција, секогаш е потребно да се посветиме на повеќе активности, изјави Дујовски за ЦИВИЛ.

Тој порача во кампањите да се вклучат различни државни институции, пред се МОН, Бирото за развој на образованието, кое би можело да размисли за воведување на одредени содржини во наставната програма што ќе се однесуваат на дополнителната заштита и безбедност во училиштата, потоа Министерството за труд и социјална политика, меѓународните организации со седиште во Македонија, но и невладините организации кај нас. И од друга страна училиштата, секое – конкретно основно и средно училиште преку советот на родители, училишните одбори, наставниците и сите вработени во нашиот образовен систем. „Само на тој начин можеме да постигнеме подобар однос помеѓу учениците и општеството, и тие да бидат повеќе свесни и за опасностите, меѓутоа и за предностите на современото живеење“.

проф. д-р Никола Дујовски

Дујовски смета дека децата немаат лесен пристап до огнено оружје, меѓутоа имаат пристап до ладното оружје и тоа треба особено да не загрижува.

Постојат информации дека во некои од основните и средните училишта некои деца, поединци, одат на настава, на часови со ножеви кои секако можат да предизвикаат опасности. Токму затоа е потребно сите заеднички да продолжиме да ги поттикнуваме младите да бидат повеќе посветени и повеќе внимателни во однос на употребата на било какви…, па дури и физичка сила или погрдни зборови. И булингот не треба да го заборавиме, тој е се повеќе присутен и навистина може да претставува голем проблем, изјави деканот на Факултетот за безбедност.

Поседување огнено оружје во Република Северна Македонија

За состојбата со оружјето кое го поседуваат граѓаните во државава, побаравме информација од МВР, од каде ни соопштија дека регистрирани се околу 180.000 парчиња на оружје, а согласно законските одредби предвидено е во една дозвола за оружје да се регистрираат најмногу 10 парчиња на оружје.

Во текот на 2021 година издадени се вкупно 5.719 дозволи за оружје за физички лица , во текот на 2022 година се издадени 5.969 дозволи за оружје, а во текот на 2023 година се издадени 2.125 дозволи за оружје. Меѓутоа, во овој број на дозволи не влегуваат само новорегистрираните парчиња на оружје, туку и пререгистрираното оружје.

Во текот на 2021 година издадени се 3.365 одобренија за набавување на оружје, во текот на 2022 година издадени се 2.480 одобренија за набавување на оружје, а додека од почетокот на 2023 година досега се донесени 1.697 одобренија за набавување на оружје.

Согласно одредбите од Законот за оружје, одобрение за набавување на оружје на физичко лице се издава со наполнето 18 години живот, по исклучок одобрение за набавување на кусо огнено оружје со жлебена цевка и долго огнено оружје со жлебена цевка на физичкото лице се издава врз основа на претходно поднесено писмено лично барање ако физичкото лице има наполнето 25 години живот, освен ако лицето не е активен член на стрелачко друштво подолго од две години.

Оттука се поставува и прашањето кој е условот што треба да го исполни граѓанинот за да има оправдана причина да набави и да поседува огнено оружје.

Физичкото лице има оправдана причина за набавување на оружје, ако докаже дека постојат оправдани причини за поседување на оружје, а особено ако неговата лична безбедност, безбедноста на неговото семејство или имот се сериозно загрозени, поради што е потребно поседување на оружје заради нивна заштита и сигурност или ако работите и задачите што ги врши на работното место се од таква природа што можат да предизвикаат опасност од загрозување на неговиот живот или имот. Освен овие, како оправдани причини се сметаат и ако е активен член на ловечко или стрелачко друштво односно има потврда дека е активен член на стрелачко друштво; ако собира колекционерско оружје, односно е колекционер; ако е донесена правосилна судска одлука за наследување на оружјето; ако му е доделена награда во вид на оружје, за постигнати резултати во официјални натпревари во лов или спортско стрелаштво или ако му е доделено оружје од страна на државни органи, меѓународни организации или државни органи на други држави, потврди деканот на Факултетот за безбедност, Никола Дујовски.

Поседување оружје во светски рамки 

Поседувањето на оружје значително се разликува низ целиот свет. Повеќе од 175 земји во светот им дозволуваат на своите граѓани да поседуваат огнено оружје – иако повеќето имаат специфични прописи за сопственост, како што е забраната на одредени видови огнено оружје, објави World population review.

Топ десет земји со најголем број огнено оружје на 100 жители се: САД (чија стапка изнесува неверојатни 120,5 парчиња оружје на 100 луѓе), Фолкландските Острови со 62,1, Јемен со 52,8, Нова Каледонија со 42,5, Србија се наоѓа на петтото место со 39,1 парчиња оружје на 100 жители, веднаш по неа е Црна Гора со идентичен број на оружје, Уругвај и Канада со по 34,7 парчиња оружје, Кипар со 34 и Финска со 32,4.

Што се однесува до другите земји од поранешна Југославија, граѓаните на Босна и Херцеговина имаат 31,2 парчиња огнено оружје на 100 луѓе, Македонија 29,8, Словенија 15,6 и Хрватска 13,7.

Овие податоци се однесуваат само на оружјето кое е уредно пријавено во надлежните институции, а фактичката бројка на оружје останува непозната.

Загрижувачки е фактот што многу деца тренираат airsoft – екстремен, воен симулациски спорт, што е напредна верзија на пејнтбол, а каде децата можат да доаѓаат исклучително во придружба на родител или старател.

Во Airsoft се користат реплики на огнено оружје, кои исфрлаат топчиња направени од тврда пластика со дијаметар од 6 до 8 милиметри. Тие може да имаат маса од 0,20 g (за послаби реплики), 0,23 g (за посилни пиштоли), 0,25 g (за пушки), 0,28 g (за силни пушки и снајпери) и 0,30 g (за снајпери).

Суштината на механизмот на airsoft оружјето е тоа што исфрла пластична топка (BB) со мала количина воздух. Топките патуваат со многу помала брзина во споредба со вистинските куршуми и иако можат да бидат болни кога ќе погодите некого, тие не можат да убијат или да предизвикаат сериозни повреди за разлика од вистински пиштол или пушки. Иако репликите на Airsoft се сметаат за играчки, треба да се преземат одредени мерки на претпазливост при нивно користење.

Повеќето реплики се копии на вистински пиштоли и пушки. Некои производители користат вистински калап од нивните оригинали кога прават реплики со цел да создадат изглед и чувство на тежина што е автентично за вистинските модели.

Оттука доаѓа и заклучокот дека најголемата одговорност всушност ја имаат возрасните. Мерките на институциите се едно, но воспитувањето е сосема друго, и тие мора да се надополнуваат. На децата мора да им се постават граници и во тоа да се биде доследен. Оружјето треба да се обезбеди и да биде недостапно, но сепак на прво место е воспитувањето, комуникацијата и односот кон децата, бидејќи тие го немаат потребното ниво на свест и не знаат дека после истрелан куршум нема „извини“.

Подготви: Габриела Точко

извор Цивилмедиа