Во текот на февруари 2025 година, како резултат на спроведените континуирани сообраќајни контроли низ патиштата во земјава, полицијата изрече вкупно 23.844 санкции за различни прекршоци во сообраќајот, покажуваат податоците на Министерството за внатрешни работи (МВР).

Најчестиот прекршок е возење со поголема брзина од дозволената, за што биле изречени 7.473 казни. Покрај тоа, од сообраќај биле отстранети 2.059 возачи кои управувале возило без возачка дозвола, додека 617 возеле под дејство на алкохол.

Од вкупниот број на издадени платни налози, 1.508 се за некористење сигурносен појас, 766 за користење мобилен телефон при возење, а санкционирани се и 475 пешаци. Дополнително, 5.746 прекршоци се евидентирани за неправилно паркирање, што претставува значителен дел од прекршочните пријави.

Во рамки на засилените контроли извршени за време на изминатиот викенд (1 и 2 март), полициските службеници на сите сектори за внатрешни работи при Бирото за јавна безбедност (БЈБ) изрекле 1.278 санкции. Притоа, 126 возачи биле затекнати без возачка дозвола, а 144 возеле под дејство на алкохол. Исто така, 238 возачи возеле со поголема брзина од дозволената, 79 лица не користеле сигурносен појас, 37 возачи зборувале на мобилен телефон, 14 поминале на црвено светло, а санкционирани се и петмина пешаци.

Сообраќајните контроли ќе продолжат со зголемен интензитет, со цел унапредување на безбедноста на сите учесници во сообраќајот, информираат од МВР.