Граѓаните велат дека не би било лошо да има ќеси за повраќање во автобусите во Скопје, поради лошите услови. Ова го кажуваат испитаниците на последната анкета на „Внимание, внимание“ објавена на каналите на „Трн.мк“.

Испитаниците сметаат дека треба да има нови, еко автобуси, но не веруваат дека ќе се исполни ветувањето за бесплатен автобуски превоз во главниот град.

Граѓаните низ главниот град кажуваат дека поради доцнењето на автобусите, кое доста често е 10 до 15 минути, доцнат на работа, а други раскажуваат дека се случувало некои линии да доцнат и по еден час или воопшто да не дојдат.

Анкетата „Внимание, внимание – зборуваат граѓаните“, се емитува на каналите на „Трн“ (на Фејсбук, YouTube, и на Инстаграм) и нејзината цел е да се чуе гласот на граѓаните, посебно на младите, кој е маргинализиран во актуелниот медиумско-политички контекст. Гласот на граѓаните нѝ го претставува артистот Дениз Абдула, а продукцијата е на „Трн.мк“.