Викендов на посета ни беше „големиот“ Виктор Орбан, барем според надрнданите метафори на Трамп; нашите „патриотски јунаци“ за да ја намалат тензијата или, пак, ја спуштат маргината подолу од центар (а центарот е секогаш „Скопје како метафора“?!), Орбан го пречекаа во Охрид.
Добро, разбирам: протокол, „стратегија“, безбедносни мерки, закочен сообраќај, дислоцирани кајчиња, бродчиња и чамчиња од местото на престој на унгарецот, како и останати чуда и „врагој“ на „високата политика“.
А што е тоа „висока политика“? Тоа е она во кое некој чичко на друга држава и’ дава купишта пари, ги прави економски зависни, а вие потоа на таквиот чичко сте му амал, консиерж или „del Boy“ (Oh dear, as dodgy as Del Boy!); верувам дека го знаете сите оној дечко кој му ги носи торбите на гостинот до неговиот хотелски апратман, а потоа таквиот љубезно очекува бакшиш, после милно галење по обравчето, со напомена, пред да ја затвори вратата од надвор: немој да не’ барате нас, ние ќе ве бараме вас. Нешто од прилика вака се дефинира „високата политика“ во денешниот лудачко-десничарски контекст.
Имено, Унгарија на Северна Македонија и’ дава една милијарда евра која е договорена пред парламентарните избори, во четири очи, крајно нетранспарентно. Добро, „им се може“, некој ќе рече. И нема да биде во криво. Но, ајде сега да видиме што викендов имавме во Охрид.
Во Охрид имавме еден „маневарски простор“ во меѓународната политика помеѓу македонскиот и унгарскиот премиер. Што значи тоа? Значи поблиски релации со Русија и Кина, отколку реалции со нашиот триесетгодишен стратешки партнер, САД.
Тимчо Муцунски, министерот за надворешна политика ја „амортизира“ оваа посета на Орбан, велејќи, нешто од прилика: „на линија сме со САД“.
На која „линија“ мисли министерот Муцунски? Во САД има две линии: една линија е на Камала Харис, а друга линија е на Доналд Трамп. Очигледно го чекаат исходот од оваа битка, ама потајно се знае за кого чука срценцето на нашите „нови и врили“ десничари.
Или со други зборови: Северна Македонија денес е подалеку од Брисел од било кога порано, што во дополнителен превод значи и крај на нашите европски интеграции.
Виктор Орбан и Христијан Мицкоски се двајца премиери кои меѓу себе се легитимираат на домашен и меѓународен план.
Тоа, пак, значи – евроинтеграции – ДА! – ама според „наши“ правила и наши „критериуми“; очигледно е дека надворешната политика во земјава, со нашите Европски пријатели, ќе оди „преку колено“ и на „прва топка“.
Кои се инструментите за таквата политика? Е, тука влегуваме во полето на оној „стратешки чвор“ и централен дел на оваа приказна.
Имено, Виктор Орбан најпрво со овие пари директно ќе се меша во земјава и нејзините политички токови. Толкава сума на пари – доделена „на изволте“ – сама по себе е бизарна, речиси надреална: невообичаено за дипломатски и меѓудржавни стандарди.
Од друга страна, Орбан јасно зазема страна кого тука поддржува, а тоа не е државата Северна Македонија и нејзините институции, туку политичката партија ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски, лично. Дури не се ни срамат од таквото посредување, за кое, во основа, и самите го признаваа на некои од нивните прес-конференции.
Ваквиот однос за меѓународните стандарди е прилично контроверзен и бизарен, ама, пак, ако ја знаеме „природата“ на власта во Скопје и Будемпешта, за нив ваквиот однос е сосема оправдан и „нормален“.
Унгарија и нејзината „орбановштина“ од почеток, а со тек на време се’ појако и понепосредно, претставува еден тип на пример, како идеолошки, така и финансиски покровител на оваа земја. Баш како што беше и’ додека Груевски ја вадеше од ментеши оваа држава со неговите полициски и останати (пара)структури (кој, ене го, си лешкара слободно во пештански егзил и од „својата“ заштеда „скромно“ живее во Будимпешта?).
И, каква е „дијагнозата“? Мицкоски сака да ја види оваа земја во Европа, еве, му признавам, ама на „орбановски начин“. Ова конкретно значи: дајте ни вие нам пари – бидејќи парите немаат име, идентитет, јазик – а ние со тие пари ќе правиме во оваа земја што сакаме, како што ќе правиме со институциите што сакаме, и во конечноста ќе правиме со граѓаните што сакаме.
Во срцевината тоа е modus operandi на политиката на Виктор Орбан, и тука, да бидам искрен, му оди сосема добро. Од Брисел ќе ги прифатиме најдобронамерно сите сугестии, регулативи и стандарди, ама штом ќе дојдеме дома, има да правиме како што ние сакаме оти, нели, „народот ни даде 500 илјади самоволја“ за нас, а не им даде на оние другите.
И што тука не е јасно, драги мои пријатели? Следното доаѓање на Виктор Орбан во оваа земја ќе биде како доаѓање на „к’мет“, ќе ни дојде како „свој нас своето“.
Северна Македонија гласаше за ова; а тоа што си гласаше, тоа и си доби. И допрва ќе си го добива. Доволно е само паметните и добрите луѓе во оваа земја да замолкнат, и срањето ќе тече како подмачкано, ако ме разбирате што сакам да кажам.
Пишува: Ненад Јовановиќ
Текстот е личен став на Авторот.
Ставовите на авторот во рубриката Дијалог нужно не ги изразуваат уредувачките политики на порталот.