Таа е театарска, филмска, телевизиска актерка. Вработена е во Турскиот театар во Скопје. Докторира на тема „Филмскиот актер во дигиталната епоха“ на Истанбулскиот универзитет. Снима спотови, реклами, а исто така ја маѓепсува и фотографијата како уметност. Меѓу другото е и лиценциран тренер за актерската техника Михаил Чехов. Ако за некого одговара познатата турска поговорка ‘on parmak, on marifet’ (десет прста, десет марифети), тоа е сигурно за уметницата Слаѓана Вујошевиќ.
Со Слаѓана Вујошевиќ разговараше Хусаметин ГИНА
Актерката Слаѓана Вујошевиќ понудата да биде гостинка на порталот Рацин.мк ја прифати со задоволство. На интервјуто реализирано на големата сцена на Театар Комедија во Скопје таа одговори на прашањата за тоа како патот ја доведе до Турскиот театар, за студирањето во Истанбул, докторатот, искуствата во Турција и нејзините последни проекти како што е претставата „Лавина“ и македонскиот филм „Бизнисот на задоволството“.
На прашањето како патот ја доведе до турскиот театар, кои моменти во нејзиниот живот биле пресвртница за тоа, Слаѓана потенцираше дека во 2012 година заминала за Истанбул како стипендист од Владата на Република Турција.
„Верувам дека сѐ се случува со причина. Ништо не е случајно, иако некогаш навидум така изгледа. Јас на неколку наврати имам напоменато дека дедо ми од страната на мајка ми беше Турчин. Од таму и желбата всушност подлабоко да ја истражувам оваа култура, јазик. И воопшто да заминам во Истанбул. Турскиот јазик за жал никогаш не го зборувавме дома, знаев само некои основни зборчиња кои што беа, merhaba (здраво), nasılsın (како си), нели основна комуникација. И зборчиња којшто ги учев кога одев на летовање во Турција кај моите роднини. Но, желбата да студирам надвор, всушност можноста да студирам со стипендија е нешто кое што буквално се вклопи, како идеална сложувалка“
Во однос на нејзините искуства во глумењето во турските серии и театарски престави, Слаѓана Вујошевиќ нагласи дека креирањето на ликови на друг јазик за неа преставува магија само по себе.
Истакнувајќи дека во Турција соработувала со високо професионални екипи, одлични уметници, додаде дека тоа за нејзе преставува огромна чест, задоволство и големо искуство.
На прашањето да ни каже повеќе детали за нејзината докторска тема „Филмскиот актер во дигиталната епоха“, Слаѓана шегувајќи се истакна дека за тоа потребно е повеќе од интервју и дека темата ја возбудува бидејќи во филмскиот свет почнаа да доминираат заканите дека во иднина нема да има потреба од филмски актери и дека сето тоа ќе биде комплетно заменето од технологијата.
„Тој страв, всушност, на некој начин ме втурна во интензивно истражување на оваа тема. И можам накратко да кажам, на крајот од истражувањето ми се потврди комплетно спротивното. Актерот и те како е многу потребен во филмскиот свет. Можеби ќе му се смени местото. Нема да му се намали значењето, напротив се повеќе и повеќе му се зголемува затоа што таа технологија има потреба да се храни од живи луѓе. Значи има потреба од тоа да учи од вистинскиот жив актер. Така што и таа импровизација, таа спонтаност, тие емотивни бранување кое што го нуди актерот ми се чини се уште ни една технологија не може да ги постигне“
Потенцирајќи дека во моментот интензивно го истражуваа влијанието на вештачката интелигенција врз актерот, Слаѓана рече дека признава дека е исплашена од замавот што го има технологијата.
Но, сепак, верува дека во иднина комплетно човечки проекти ќе бидат прав екслузивитет, како што сега навидум се вештачко интелигентните проекти.
Со нејзините проекти во Македонија и Турција, Слаѓана Вујошевиќ на некој начин претставува еден културен или поточно „филмско -театарски мост“ помеѓу двете пријателски земји.
„Па да, баш тоа е мојата мисија како што веќе реков. Јас навистина би сакала да… ми звучи прекрасно ова ако е така. Јас се трудам веќе неколку години наназад тоа да го реализирам со разно разни проекти. Сите луѓе со кои сум имала прекрасни соработки во Турција некако да го донесам тука. Тукашните колеги да ги однесам таму. Некако заедно да почнеме да создаваме. Мене ми била пружена таа шанса да заминам некаде. Ќе бидам пресреќна ако јас овозможам некому тоа да му се случи“
Паралелно покрај сите актерски проекти Слаѓана исто така е лиценциран тренер за Михаил Чехов актерската техника. Многу е радосна што во Хамбург, во октомври заедно со неговиот главен ментор Улрих Мејер – Хорш ќе биде тренер во Хамбуршката школа за актери.
Во интервјуто исто така се осврна и на нејзиниот најнов проект премиерата на претставата „Лавина“ од Тунџер Џуџеноглу во Турскиот театар.
„Би сакала да напоменам пред сѐ дека станува збор за еден извонреден текст. Поприлично дистописки. Поприлично има некој Орвеловски шмек во него. Приказната е многу тешка, меѓутоа секогаш актуелна. За некое Анадолиско село, во кое што селаните живеат 9 месеци од годината во континуиран страв дека Лавина ќе им се сруши во селото и сите ќе ги убие доколку зборуваат гласно, пеат, свират, плачат гласно, викаат, значи било каква галама. Тие веруваат дека може да предизвика лавината да ги уништи сите. Така што само 3 месеци од годината овие луѓе живеат без страв“
Говорејќи за македонскиот долгометражен филм „Бизнисот на задоволството“, кој веќе на Риверсајд филмскиот фестивалот ја освои и осмата награда по ред Слаѓана рече дека филмот поминува добро на светската филмска сцена и дека за брзо време и македонската публика ќе може да го гледа филмот во кината.
Извор и фото: Racin.mk