Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, денеска во Струмица присуствуваше на промоција на новите електрични автобуси за јавен превоз во општината.
Вредноста на инвестицијата е 7 милиони евра, пари обезбедени од буџетот на оптина Струмица, а капацитетот на секој автобус е за 48 патници. Еден месец превозот ќе биде бесплатен, а потоа цената на билетот ќе биде 30 денари. Јавниот превоз е наменет за жителите на градот, околните населени места и за учениците. Претседателот на СДСМ, Филипче, во изјавата за медиуми истакна дека со овој проект Струмица е првиот град во земјава и на Балканот со обезбеден електричен и еколошки јавен превоз.
„Ова е еден сеопфатен проект во кој што се мислело на многу аспекти. Ова е еден проект кој што е императив на многу европски градови, да има електричен превоз, да се поврзат подобро градските населби помеѓу себе, приградските населби, селата со градот. При тоа, се обезбедува бесплатно возење за одредени категории граѓани, како за пензионерите, учениците, студентите. Обезбеден е посебен пристап во автобусите за лица со посебни потреби, како и посебно место за полнење на електричните автобуси, повторно обезбедено од обновливи извори на енергија, нешто што е цел на секој европски град согласно европската зелена агенда“, изјави претседателот на СДСМ, Филипче.
При тоа, Филипче потенцираше дека овој проект во Струмица, реализиран од градоначалникот Коста Костадинов од редовите на СДСМ, е вистински доказ како треба да работат сите градоначалници и како треба да се грижат за потребите на граѓаните и подобрување на условите за живот во општините.
„Сведоци сме на примери како се однесуваат други градоначалници. Како лош пример, чиста спротивност на ова што сега се случува во Струмица, за жал е градот Скопје, затрупан во ѓубре, без доволно автобуси за јавен превоз. За жал тоа е еден целосно неодговорен однос на ВМРО ДПМНЕ и нивната градоначалничка Данела Арсовска“, изјави претседателот на СДСМ, Венко Филипче.