Обраќање на претседателот на СДСМ д-р Венко Филипче

Почитувани другарки и другари,

Почитувани сопартијци,

Прво, сакам да и честитам на Централната изборна комисија во СДСМ за успешно организирани избори. СДСМ докажа дека има демократски капацитет и високо ниво на професионализам. Ценам дека е спроведен беспрекорен изборен ден и целосно легитимен изборен процес.

Понатаму, би сакал да им честитам и на моите сопартијци кои беа дел од оваа изборна трка. Драго ми е што имавме конкурентни избори со повеќе кандидати. Од оваа кампања верувам дека сите научивме по нешто и сечиј придонес беше важен. СДСМ уште еднаш го демонстрираше својот демократските капацитет кој како иден претседател ќе го негувам и унапредувам.
Сега би сакал од се срце да се за благодарам на довербата и за секој даден глас. Да им се заблагодарам на сите активисти, членови и сите други кои беа вклучени и веруваа во мене во оваа кампања. Она што можам да го ветам дека ќе направам се за вашата доверба не ја изневерам и да работам онака како што ветив и се обврзав.

Оваа победа за мене претставува огромна одговорност кон вас членовите на СДСМ, кон сите граѓани и кон нашата држава. Вечерва во СДСМ победи професионализмот, емпатијата, грижата за луѓето како мои основни вредности по кои ќе работи и функционира Социјалдемократскиот Сојуз на Македонија.

Моја цел е да ги „вбризгам“ во СДСМ принципите кои ме водат во мојот личен и професионален живот. Принципите на заедништво, другарство, взаемна почит и отворена комуникација се оние кои ќе ја одликуваат СДСМ под моето раководство.

Почитувани пријатели,

Сега е време за обнова на СДСМ и многу работа. Малку имаме за славење. Следи период на реорганизација и реформа согласно моите програмски ветувања со кои сигурен сум дека СДСМ повторно ќе победува. Ова нема да биде ниту брзо ниту лесно. Но јас знам дека нема друг начин да ја вратиме довербата кај членовите освен да напаравиме вистински темелни промени. Промените не можеме ниту да ги лажираме ниту да бидат половични. Граѓаните и нашите членови тоа ќе го препознаат и нема да ја вратат довербата. Промените мора да бидат вистински, искрени и пред се истрајни, за да може полека но сигурно да ги освојуваме срцата на граѓаните. Ако успееме во ова, силно верувам дека СДСМ ќе се врати уште посилна и ќе продолжи да биде мотор на општествениот напредок.

Почитувани членови на СДСМ, драги пријатели,

Сакам ова заедништво вечерва да не краси во годините што следат, пред нас. Сега е време да ги оставиме личните интереси, сега е време да се залагаме и да носиме одлуки за општото добро. Нашите предци ни овозможиле да живееме во слобода и мир, во сопствена држава, наше е да обезбедиме сигурна иднина за нашите млади, за идните генерации за идните поколенија. Без силна СДСМ тоа нема да биде можно.

Како претседател ветувам дека нема да делам туку ќе обединувам.

Ветувам дека ќе водам со пример и тоа ќе го барам од секој во партијата.

Ветувам дека силно ќе се спротиставам на оние кои сакаат да ја ослабнат партијата на сметка на личниот интерес.

Ветувам дека ќе го заштитам и слушнам секој член и на секому ќе му дадам глас.

Ветувам дека СДСМ ќе биде приземна, отворена и модерна партија подготвена за предизивиците кои следат.

Почитувани членови на СДСМ, драги другари,

Многумина сакаат да ја видат СДСМ клекната и поразена. Се надеваат дека партијата нема да опстане и се ситат на изборниот пораз. Ветувам дека ќе го вратиме достоинството на партијата, а они кои се надеваат на лоша иднина на партијата, длабоко ќе се разочараат.

Ветувам и дека ќе бидеме силна опозиција. Ќе се бориме со сите сили да ги спречиме лошите политики на власта, и ќе бидеме коректив во општеството. СДСМ бил и ќе биде гласот на разумот секогаш кога граѓанската волја ќе биде погазена или и се прават штети на државата.

СДСМ секогаш ја одбирала страната на напредокот, на демократијата, на државноста и европските вредности, и затоа мора да продолжиме да чекориме по тој пат. Мора да се бориме граѓаните тоа да го препознаат во нас, бидејќи тоа ќе значи победа за СДСМ.

Ви благодарам од срце,

Да живее СДСМ,

Да живее Македонија.