Владата на Црна Гора донесе одлука со која ќе се ограничат маржите на околу 1.000 продукти за домаќинството, соопшти премиерот Милојко Спајиќ.
Покрај мерката „Ограничени цени“ која досега се спроведуваше и која се однесуваше на брашното, шеќерот, маслото, солта, кои се ограничена маржа од 5 проценти, сега на листата се додаваат овошјето, зеленчукот, повеќе видови на месо, средства за домаќинство и лична хигиена за кои маржата се ограничува на 10 проценти.
„Оваа мерка ќе таргетира и многу поголем опфат, а го имавме предвид и мислењето на граѓаните. Оваа одлука резултира со реално намалување на цената за над 1.000 артикли“ изјави премиерот Спајиќ.
Но иако и во Македонија цените на основните продукти постојано растат, сепак премиерот Христијан Мицкоски ја отфрли секоја шанса Владата да интервенира во цените.
Според него, Македонија била пазарна економија а ограничувањето на цените и маржите била мерка што не давала никаков ефект.
„Ние сме пазарна економија, пазарот ги диктира цените. Ако влеземе во една политика на ограничување, тогаш видовте какви резултати ни даде таа политика-ни даде спротивни ефекти од тие што ги очекувавме. Затоа, политиката на оваа Влада е да поддржува инвестиции и затоа не е политиката на оваа Влада да одржува зголемена и вештачки набилдана јавна потрошувачка, затоа што парите на тој начин губат вредност и иста количина на пари по еден месец ја губи својата вредност и деноминира, би рекол за десетина проценти“ кажа вчера Мицкоски.
Цените во маркетите и на пазарите секојдневно растат а синдикалната потрошувачка кошница за четиричлено семејство ја проби границата од 1.000 евра.