Соопштение на ЦИВИЛ:

ЦИВИЛ во континуитет ги алармира јавноста, институциите, политичките партии и медиумите за злоупотреба на децата за политички цели и бара од институциите да ги санкционираат сите што ги вовлекуваат децата во политиката на било кој начин.

Мониторинг тимот на ЦИВИЛ констатира голем број случаи на злоупотреба на деца и малолетници, како во изборен контекст, така и за ширење етничка и верска омраза, но и за ширење на руска злонамерна пропаганда.

Политичката злоупотреба на децата е забранета со закон!

Во член 12, став 4 од Законот за заштита на децата се вели:

„Се забранува злоупотреба на децата поради политичко или верско организирање и дејствување“.

ЦИВИЛ бара од политичките партии, родителите, медиумите и институциите да ги ослободат децата и малолетниците од своите политички амбиции – со тоа го кршат законот и сите етички норми.

Секое дете, без исклучок, има право на достоинствен живот и да ги ужива сите права наведени во Декларацијата за правата на децата и во Законот за заштита на децата. Децата имаат право на безгрижно детство, ослободено од дневнополитичките случувања и пропагандните операции.

Не смее да се дозволи децата да бидат жртви на политиката и странските злонамерни пропагандни операции! Политичките партии и нивните поддржувачи мораат да дадат придонес за заштита на децата, а не за нивна злоупотреба.
Државата и институциите имаат обврска на децата да им овозможат физички, ментален, духовен, морален и социјален развој, здрав и нормален начин на живот во услови на слобода и достоинство.

Државата, родителите, партиите и медиумите имаат обврска да ги заштитат децата од пропагандата!

ЦИВИЛ бара од институциите да преземат решителни санкции против сите што ќе се обидат децата и малолетниците да ги стават на својата листа на пропагандни активности. Едноставно, тоа мора да престане, веднаш!

ЦИВИЛ