Соопштение на ЦИВИЛ:
Водата за пиење не е политичка игра, туку основно човеково право!
Скопје, 30 јули 2026 година – ЦИВИЛ и организациската единица Зелен ЦИВИЛ упатуваат итен апел до сите државни институции, политички партии и локални власти веднаш да престанат со политичките препукувања и меѓусебните обвинувања во врска со актуелната криза со водата за пиење. Бараме вистинска, сеопфатна акција на национално ниво за заштита на јавното здравје и основните човекови права на граѓаните.
Кризата на која сведочиме, каде што водата од чешмите во повеќе општини стана потенцијален извор на зараза, не е само инфраструктурен колапс; таа е директно кршење на фундаменталното човеково право на чиста и безбедна вода за пиење. Водата е елементарна егзистенцијална потреба, а моменталната реалност покажува дека ова право е сериозно загрозено од системската негрижа, политиката, неукоста и јавашлакот.
Алармантната ситуација во Гостивар, каде што епидемијата погоди илјадници луѓе, е сериозно предупредување. Хиперфокусот на оваа општина – речиси исклучиво низ политичка, па дури и етничка призма – ја замаглува многу пошироката криза на ниво на целата земја. Граѓаните во Крушево, Валандово, Пласница, Преглово и други места се соочуваат со слични ризици. Специјализираната болница за белодробни заболувања во Лешок е без безбедна вода за пиење цела деценија. Ова е недозволиво.
ЦИВИЛ и Зелен ЦИВИЛ изразуваат длабока загриженост поради свесното избегнување ова прашање да се третира како криза што се однесува на сите во земјата. Политичките актери се натпреваруваат во барање „одговорност“ за дневнополитички поени, додека граѓаните се оставени да чекаат во редици пред цистерни или да стравуваат од водата што тече од нивните славини.
Бараме итен крај на оваа политичка какофонија. Безбедноста на водата за пиење е важен национален и безбедносен приоритет, а не политичка игра.
ЦИВИЛ и Зелен ЦИВИЛ бараат:
1. Итни испитувања на водата на национално ниво: Државата мора веднаш да иницира детални испитувања на целиот водоводен систем ширум земјата за да се мапираат ризиците и да се гарантира безбедноста на водата.
2. Конкретни мерки за заштита: Властите мора веднаш да спроведат суштински мерки за заштита на изворите и мрежата, префрлајќи го фокусот од ад-хок реакции на системски, долгорочни решенија.
3. Деполитизација на кризата: Сите политички актери мора да престанат да ја користат оваа криза за партиски цели и наместо тоа, да се обединат во заштитата на здравјето и безбедноста на сите граѓани.
4. Искористување на фондовите на ЕУ: Државата мора проактивно да бара и да ги искористи достапните фондови од Европската Унија за сериозни инфраструктурни проекти со кои трајно ќе се решат слабостите во водоснабдувањето.
Здравјето и безбедноста на граѓаните не смеат да бидат оставени на милост и немилост на политичката неодговорност. Повикуваме на итна, конкретна и транспарентна акција. Пристапот до чиста вода е човеково право и државата мора да го гарантира без компромис.
ЦИВИЛ и Зелен ЦИВИЛ