Пратеничката од СДСМ, Јована Тренчевска, на денешната собраниска седница порача дека реконструкцијата на Владата не е нов почеток, туку признание за двегодишниот неуспех на владеењето на ВМРО. Тренчевска посочи дека промената на неколку министри не може да ги прикрие неисполнетите ветувања, падот на животниот стандард, осиромашувањето на граѓаните, лошите економски показатели и занемарувањето на работниците, земјоделците и ранливите категории.Во својот говор, Тренчевска потенцираше дека реконструкцијата претставува само обид да се прикрие фактот дека Владата, и покрај ветувањата за „нова ера“, по две години не испорача резултати, туку ги задржува истите политики и истите луѓе на власт, со кои граѓаните нема да имаат подобар живот.
Во продолжение е интегралното обраќање на Тренчевска:
„Преку денешната реконструкција на Владата, граѓаните очекуваат да слушнат за што, односно кои се тие резултати за кои пред две години ѝ ја дадоа довербата на оваа Влада. Што добија од оваа Влада? Дали добија подобар животен стандард? Дали земјоделците беа почитувани? Дали нивната макотрпна работа се почитуваше од оваа Влада?
Дали добивме заштитени работнички права? Дали добивме подобра економија, подобро образование, подобро здравство, достоинствена минимална плата? Дали добивме власт без скандали, министри со резултати? Ќе разговараме за ветеното наспроти реализираното, но со факти и бројки, а не како што слушаме изминатите две години – само реклами и пропаганда.
Суштинското прашање денес е зошто е оваа реконструкција. Дали проблемот бил во изборот на министрите или, пак, проблемот бил во политиките? Во изминатите две години секојдневно слушаме од власта како политиките се успешни, како имаме резултати и дека оваа Влада е најуспешна од сите досегашни. Ако е така, прашањето е зошто тогаш ни е потребна реконструкција. Доколку одговорот е дека министрите биле успешни, ги оствариле целите зацртани во владината програма, логично е да си го поставиме прашањето – зошто ги менуваме? Ако, пак и едното и другото, не функционирале, а очигледно е така, тогаш реконструкцијата не е решение, туку признание дека Владата постигнала нула резултати во изминатите две години.
Пред две години, токму од оваа говорница беше ветувана нова ера. Беше ветувано дека проблемите ќе се решаваат брзо, дека институциите ќе функционираат подобро, дека ќе имаме економски пресврт, правда и крај на партизацијата.
Се ветуваа намалени даноци и раст од 5% на БДП и годишна инфлација од 2 до 2,5%. Се ветуваше намалување на сиромаштијата и сивата економија. Но, што имаме денес? Инфлација од 4,8% со тенденција да расте, кај храната и над 10%. Сивата економија само во првиот квартал од оваа година, во споредба со претходниот квартал, е зголемена за 4,3%. Синдикална кошничка од скоро 70.000 денари, пад на странските инвестиции, пад на индустриското производство, пад на вработените во индустријата. Неисплатени субвенции, понижени земјоделци.
Во новата ера се ветуваше секоја буџетска година зголемување на правата од социјална и детска заштита за 10%. Се ветуваше достоинствена минимална плата. На земјоделците им се ветуваа дека ќе има сигурен пласман, високи откупни цени и поголеми субвенции. Се ветуваше вистинска поддршка за земјоделците и сточарите. Се ветуваше и иднина овде, во Македонија. Демографски политики кои ќе нè убедат дека власта има јасна цел како да се справи со демографските предизвици, дека ќе има буџет кој ќе покаже дека намерата е чесна, вистинска, а не ПР-пропаганда. Ама не рекоа дека буџетот ќе го скратат дури за 50 милиони денари со ребалансот кој е во собраниска процедура.
И во здравството имаше ветување за подобар здравствен систем, во образованието, во културата, во спортот. Ветување за нова ера, ама само за пред камерите. Граѓаните не живеат од прес-конференции на кои власта зборува за економските резултати.
Не живеат од лажни реклами и пропаганди. Работниците живеат од својата плата, земјоделецот живее од своето земјоделско производство. Ранливите категории живеат со надеж дека оваа власт конечно ќе се сети и на нив. Меѓутоа, очигледно, таа надеж ќе биде залудна.
Родителите чии деца сè уште се овде живеат во страв дека и тие ќе се иселат, затоа што децата на нивните роднини, пријатели и комшии масовно се иселуваат. Имаме минимална плата од 26.000 денари, а можеше да биде повисока. Ама власта реши, наместо социјален дијалог, да има навреди и понижувања кон синдикатите.
Имаме стапка на сиромаштија од 22% и индекс на нееднаква распределба на приходите од 30%. Според Државниот завод за статистика, сиромаштијата кај децата и младите на возраст до 17 години е 29,5%.
Кај многучлените семејства 54,8%. Кај самохраните родители 45,8%. И на овие бројки ќе кажете дека граѓаните денес живеат подобро? Дали? Дефинитивно не.
Дали во Буџетот има средства за решавање на овие проблеми? Нема. Две години се заборавени и работниците и ранливите категории граѓани. Две години се заборавени и лицата со попреченост, нередовна е исплатата на социјалната и детската заштита, нередовна е исплатата на средствата кон давателите на социјални услуги, нередовна е исплатата на средствата кон лицата со попреченост вработени во заштитните друштва.
И за мајките по завршувањето на породилното отсуство ветувавте дополнителна финансиска поддршка преку поврат на уплатениот данок на личен доход. И од тоа ништо. Две години – нула резултати, две години – многу ветувања, нула реализација.
Нема пари, ама власта секојдневно нè убедува дека сме трета економија во Европа. Може да сме високо рангирани само по неконтролираното задолжување на државата и земањето кредити кои ќе ги исплаќаат следните генерации.
Може да сме високо рангирани и по дефицитот во Буџетот, кој со ребалансот достигнува 4,1%. Може да сме високо рангирани и по пропагандата и лажните реклами. Да, и рекордери сме по бројот на добиени одговори од младите луѓе кога ќе ги прашувате дали ја гледаат својата иднина во Македонија. 99% ви кажат, не.
Две години беа доволно време за да се почувствува дека нешто се подобрило. Доволно време граѓаните да кажат: „Живееме подобро“, ама тоа нема да го слушнете од нив. И две години се доволни да научите дека бесконечно не можете да плачете и да повторувате во каква состојба сте ја презеле власта.
Граѓаните не ви го дадоа мандатот за да плачете, туку за да испорачате резултати. На два целосно ваши буџети, во кои треба да се отсликуваат владините приоритети и да се види вашата јасна визија, да зборувате за претходната Влада е де факто неспособност во испорачувањето резултати.
Замената на неколку министри нема да ги намали цените, нема да ја зголеми минималната плата, нема да ја намали синдикалната кошничка.
Власта има обврска да го слуша народот и неговите потреби и приоритети да ги преточи во политики кои ќе дадат резултати. Со оваа реконструкција не се менуваат политиките, не се поправаат грешките и не се презема одговорност. Се менуваат само фотелјите, додека истите луѓе продолжуваат да управуваат со државата. Реконструкцијата сама по себе е признание дека Владата не испорача резултати.
Внатрешни работи, одбрана, финансии, надворешни работи, образование остануваат во исти раце. Само се вртат столчињата за да се создаде впечаток дека нешто се менува. Ниту една сериозна реформа не е направена, ниту еден крупен проблем што ги мачи граѓаните не е решен. Само се прераспределуваат министерските фотелји меѓу истите луѓе и нивните сателити.
Претседателот на Владата го префарба истиот криминален систем за да може уште некое време да го одржува на власт. Македонија не може да оди напред со стара Влада во нова амбалажа.
Реконструкцијата не е нов почеток, туку е континуитет на процесот кој веќе две години ја турка државата во погрешна насока. Театарот е ист, глумците исти, само оделата се нови“.
фото СДСМ
ПОПУЛАРНО НА ИНТЕРНЕТ...