Македонската дипломатија знае за две официјални средби на македонски државници со американски претседател во Белата куќа – Трајковски и Бучковски кои му беа гости на Џорџ Буш помладиот.

Едната средба се одржа во 2001 година, кога тогашниот претседател Борис Трајковски се сретна со Буш. Познато е дека тие двајцата беа блиски пријатели и претходно и таа нивна средба како претседатели на две држави во Белата Куќа останува, сега засега, како прва официјална средба на македонски со американски претседател.

Втората, официјална средба е онаа на поранешниот премиер Владо Бучковски, кој беше Овалната соба беше примен во октомври 2005, исто така од Џорџ Буш помладиот.

После Бучковски ниту еден македонски премиер немал средба со претседател на САД во Белата Куќа.

Сепак, тоа не значи дека ПР тимот на премиерот Христијан Мицкоски нема да се обиде да претстави дека историјата започнува со Мицкоски и дека патувањето на премиерот на инагурацијата на Доналд Трамп е прва можност за контакт на високо ниво со американската политика.

Во изјава за Дојче веле ПР тимот на Мицкоски изјавија дека „ова е прва ваква можност во историјата на самостојна Македонија, премиерот на Владата на вака високо ниво во американската политика да оствари контакти значајни за државата“.

Церемонијата на инаугурацијата, по традиција во САД се важен демократски настан за домашната сцена и странските дипломати обично присуствуваат како учтивост, но шефовите на држави и влади обично не се вклучени.

Сепак, Трамп не е симбол на традицијата во САД по многу основи, особено демократски, па затоа тој инаугурацијата ја претвори во големо шоу на кое како гости се поканети и странски државници меѓу кои доминираат десничарските популисти.