Цената на струјата од 1 јануари се намалува за прв блок за 5,16%, втор блок и евтина тарифа остануваат исти. Зголемување на цената има во трет блок за 2,88% и четврт блок за 1,86%.

Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски кажа дека доколку не се воведеше надоместок за пристап кон мрежа, цената на прв блок ќе се зголемеше за 3,4%, втор блок за 8,62%, трет блок за 9,46%, четврт блок за 4,92% и евтината тарифа за 15,42%.

„Надоместокот за пристап до мрежа ќе биде 200 денари. Изминатиот период имаше многу шпекулации во однос на новиот начин за пресметување на цената, но сега видовме дека тој надоместок доведе до намалување на цената на струјата. Пониските цени за електрична енергија се резултат на конзистентна енергетска политика и реформскиот пристап на РКЕ преку воведување на блок тарифи, како и ‘Ел Дорадото’ на инвестициите во обновливи извори со кои во државата се обезбеди нова енергија со што за само две години се зголеми инсталираниот капаците за 25%, а увозната зависност се намали за една третина со што се отвори простор за нов интервал на дневна евтина струја за домаќинствата“, изјави Бислимоски.

Како што кажа Бислимоски, со новиот концепт пристап кон мрежа, се направи фер распределба на трошокот за мрежа меѓу редовните корисници и оние потрошувачи кои повремено ги користат објектите. Со примена на овој модел мрежарината се намалува за скоро 23%.

Првиот тарифен блок ги опфаќа домаќинствата што месечно трошат до 210 киловатчасови скапа струја. Во вториот блок се оние што трошат од 210 до 630 киловатчасови. Во третиот блок се оние што трошат од 630 до 1.050 и во четвртиот блок се оние над 1.050 киловатчасови.

Извор: BiznisPRO.com