Договорите од „Отворен Балкан“ со кои што се предвидува работници од Македонија, Србија и Албанија да конкурираат на пазарот на труд во сите три земји, денеска беа ратификувани во македонскиот парламент.
„Честитки за сите, ова голем ден за македонската и регионалната економија. Благодарност до одговорните пратеници кои гласаа ЗА“, истакна Марјан Забрчанец, Националниот координатор за Отворен Балкан и за регионални иницијативи.
Според него имало објективни причини и пречки зошто македонскиот парламент ги немаше изгласано ратификациите на договорите од Отворен Балкан, а ти во главно се сведуваа на блокадите од страна на опозицијата. Сепак, два од договорите, оние кои се однесуваат на отстранувањето на работните дозволи поминаа на комисијата за надворешни работи во Собранието, откако опозицијата се одважи да ја тргне блокадата.
Главната придобивка од отстранувањето на работните дозволи е обезбедувањето подобри услови на мобилност на пазарот на труд во регионот, односно меѓу трите држави. Поточно, се отстрануваат бирократските и административни процедури кои до сега го забавуваа тој процес.
Тоа директно придонесува кон една од главните цели на повеќето регионални иницијативи – создавање единствен пазар на труд. Ќе се овозможи размена на работна сила согласно потребите на пазарот, во сите можни насоки меѓу трите држави. Компании од Куманово и Скопје ќе мобилизираат работна сила од Врање и околината, а оние од Струга од пограничниот регион во Албанија.
Македонски ИТ кадри ќе можат да работат онлајн од нашата земја за пазарите во Албанија и Србија, при тоа да добиваат плата и придонеси од другите две земји, а примањата да ги реализираат во својата земја. Се разбира и обратно.
Потенцијалите се огромни, голем е бројот на компании за кои оваа мерка ќе значи пополнување нови работни места, а за граѓаните и особено младите можност да заработат повеќе. Оваа мерка придонесува и кон тоа регионот да се претстави како единствен пазар пред поголеми инвеститори за кои прави разлика дали вложуваат во пазар од два или пазар од 12 милиони.
Идентификацискиот број ќе биде налик како матичен број за граѓаните на „Отворен Балкан“. Преку веб порталот за електронски услуги граѓаните ќе може да го добијат тој идентификациски број и со тоа практично нема да мора да вадат работна дозвола за Србија или Албанија.
Иницијативата Отворен Балкан, која започна како Мини Шенген во октомври 2019 во Нови Сад си постави амбициозна цел до почетокот на 2023 година да нема граници меѓу трите земји и да има слободен проток на капитал, луѓе, стоки и услуги. Потписници на Иницијативата се Србија, Македонија и Албанија.
Собранието денеска, во рамки на 103. седница, донесе повеќе одлуки: за разрешување и избор на членови на Советот за научно-културните средби „Десет дена Крушевска Република”, за именување претседател и членови на Одборот за доделување на државната награда „23 Октомври”, за распишување јавен оглас за назначување претседател и членови на Советот за граѓански надзор, за објавување јавен оглас за именување на член на Комисијата за заштита на конкуренција, како и за објавување јавен оглас за именување член на Државната комисија за жалби по јавни набавки.
Пратениците ги донесоа и одлуките за објавување јавни огласи за избор на членови на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, за избор на членови на Државниот совет за превенција на детско престапништво, за избор на заменик-директор на Агенцијата за заштита на личните податоци, како и за избор на здруженија од областа на човековите права, полициското право и правосудството за механизмот за граѓанска контрола во состав на Народниот правобранител.
Донесена беше и Одлуката за изменување на Одлуката за основање на пратенички групи на Собранието на Република Северна Македонија за соработка со парламенти на други држави и избор на претседатели и членови на пратеничките групи на Собранието на Република Северна Македонија за соработка со парламенти на други држави.
На дневен ред беа и Предлог-законот за ратификација на Договорот за техничка соработка меѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Јапонија, како и Предлог-законот за ратификација на Протоколот за вода и здравје на Конвенцијата од 1992 година за заштита и користење на прекуграничните водотеци и меѓународни езера, но за нив не се расправаше зашто, како што објасни претседателот на Собранието Талат Џафери, не се поминати на соодветните собраниски комисии.
Откако дневниот ред беше исцрпен до 12. точка, Џафери ја прекина седницата и даде десет минути пауза за пратениците да се подготват за продолженијата за 99. и 84. седница. Продолжението на 103. седница, рече, ќе биде дополнително закажано.
Пратениците ја почнаа седницата со оддавање почит на настраданите во земјотресите во Турција и Сирија, со едноминутно молчење.
Соња Танеска
извор Civilmedia