Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, денеска (29.10.2024) во Будва, каде учествува на Министерски форум ЕУ-Западен Балкан за внатрешни работи, оствари билатерална средба со министерот за безбедност на Босна и Херцеговина, Ненад Нешиќ.
Двајцата министри ја нотираа одличната соработка помеѓу двете министерства, која во последниот период добива на засилен интензитет преку сите меѓународни и регионални канали во рамките на пропишаните и прифатени стандарди на ИНТЕРПОЛ. Тоа подразбира брза, квалитетна и ефикасна размена на оперативни сознанија, односно редовно постапување по барања упатени од двете држави за различни видови на проверки во сите форми на организиран криминал.

Министрите разговараа и за миграциските текови и нелегалните движења, бидејќи и двете земји се наоѓаат на патот на Западно-балканската рута, што претставува континуиран заеднички предизвик со кој се справуваат и двете држави.

Унапредување на нивото на соработка ќе продолжи и во следниот период со потпишување на протокол помеѓу двете министерства за соработка во областа на форензичките испитувања и вештачења, со цел размена на професионални искуства во воспоставувањето и функционирањето на различни сегменти на форензички активности, пружање поддршка во унапредувањето на методите на работа, едукација на кадри и научни истражувања.