Гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска оствари средба со Герт Јан Копман, директорот на Директоратот за соседство и проширување и Елена Флорес, заменичката на генералниот директор на Директоратот за економски и финансиски прашања, којашто се одржа во Брисел, Белгија. Тема на средбата беше еден од приоритетите на Планот за раст на Западен Балкан, односно барањето на земјава за членство во Единствената област за плаќање во евра (СЕПА). Нашето официјално барање за членство во СЕПА беше поднесено во јули оваа година и следеше по обемната измена на законската и подзаконската регулатива во сферата на платежните услуги, банкарскиот систем и спречувањето перење пари, заради усогласување со европската правна рамка.
Со оглед на тоа дека конечната одлука за членството на земјите во СЕПА ја носи Извршниот одбор на Европскиот совет за плаќања, врз основа на мислење од Европската комисија, беше остварена средба и со генералниот директор на Советот, Џорџо Андреоли. На средбите, на кои присуствуваа и други гувернери од регионот на Западен Балкан, беше искажана поддршка за заложбите на централните банки за усогласување на националната правна рамка со европската, што е предуслов за пристапување кон СЕПА.
Со членството во СЕПА се создаваат услови за техничко поврзување на давателите на платежните услуги (банките и останатите небанкарски даватели на платежните услуги) и на платните системи со платната инфраструктура на Европската Унија, што ќе овозможи значително намалување на трошоците за прекуграничните плаќања во евра, а воедно ќе се поедностави постапката и ќе се скрати времето за нивно извршување, односно плаќањата би се извршувале на истиот начин како и плаќањата во ЕУ.
По одобрувањето на нашето барање, очекуваме дека банките активно ќе ја искористат оваа можност со приклучување кон европските системи, заради намалување на трошоците и зголемување на брзината на плаќањата за граѓаните и компаниите.