Собранието на Република Македонија ги усвои измените и дополнувањата на Законот за електронски комуникации, со што се прави дополнителен исчекор во спроведувањето на Реформската агенда и во целосното усогласување на националната регулаторна рамка со правото на Европската Унија во областа на електронските комуникации.

Европската Унија, преку визијата за „Дигиталната декада 2030“, постави цели за целосно дигитално поврзано општество, вклучително гигабитна инфраструктура и 5G покриеност за сите населени места. За земјите во процес на пристапување, меѓу кои и Македонија, ова бара континуирано регулаторно усогласување и создавање услови за значајни инвестиции во мрежи со многу висок капацитет.

Со овие измени се врши допрецизирање на одредби од Законот, согласно укажувањата и коментарите добиени во процесот на усогласување, со цел да се надминат идентификуваните „хармонизациски празнини“ и да се обезбеди постабилна, попредвидлива и европски компатибилна рамка за развој на секторот.

Клучни придобивки за граѓаните и стопанството.

Измените и дополнувањата овозможуваат:

• побрза и поефикасна изградба на дигитална инфраструктура, преку рационализирање и дигитализација на административните постапки поврзани со распоредување мрежи;
• услови за поголеми инвестиции во широкопојасни мрежи, оптичка инфраструктура, 5G и нови технологии;
• поголема конкуренција на пазарот и поквалитетни услуги за граѓаните и компаниите;
• мерки што го поттикнуваат споделувањето на постојната физичка инфраструктура, координацијата на градежни работи и намалување на трошоците при изградба на мрежи;
• подобрување на заштитата на корисниците и современи регулаторни практики во согласност со европските директиви и регулативи.

Ова е предуслов за понатамошен развој на е-услуги, зајакнување на дигиталната економија и рамномерен регионален развој, преку еднакви можности за квалитетна поврзаност во сите региони.

„Електронските комуникации се темелот на современата дигитална држава. Со овие измени обезбедуваме јасни правила, поголема правна сигурност и целосно усогласување со европското право. Тоа значи побрза изградба на инфраструктура, поголеми инвестиции во широкопојасни мрежи и 5G, повеќе конкуренција и подобри услуги за граѓаните и стопанството. Дигиталната инфраструктура не треба да биде предмет на дневна политика, туку заедничка обврска кон иднината на Македонија“, порача министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски.

Министерството за дигитална трансформација ќе продолжи со реформите во секторот, во тесна координација со надлежните институции и засегнатите страни, со цел Македонија да гради стабилен, конкурентен и современ дигитален екосистем согласно европските стандарди