Советот на Народната банка на својата редовна седница ги разгледа најновите економски показатели и оцени за тековната макроекономска состојба во земјата.
Движењата остварени кај главните макроекономски показатели засега се во рамките на очекувањата според последните проекции, но со нагласени ризици поради неизвесноста од интензитетот и времетраењето на конфликтот на Блискиот Исток. Имено, од почетокот на 2026 година, годишната стапка на инфлација следи надолна патека и во февруари се сведе на 2,9%, во согласност со очекувањата, при посилно забавување на цените кај базичната компонента. Сепак, поради воените случувања и прекинот во снабдувањето со енергенти од земјите од Заливот, очекувањата за дел од увозните цени, пред сѐ за цените на нафтата, се ревидирани поизразено во нагорна насока во однос на октомвриските проекции, што претставува нагорен ризик за инфлацијата во следниот период. Досега се покажа дека домашната економија е главно отпорна на неизвесното и променливо надворешно окружување и во 2025 година забележа забрзан економски раст, што се должи на домашната инвестициска активност, но и на солидниот извоз, а остварувањата се во согласност со проекциите. Расположливите високофреквентни податоци за првиот квартал од 2026 година засега не се доволни за попрецизни согледувања, имајќи ги предвид само јануарските податоци за индустријата и за прометот во трговијата, коишто засега бележат послаби остварувања на годишна основа. Девизните резерви бележат раст од почетокот годината и се одржуваат на соодветното ниво. Во однос на монетарниот сегмент, растот на депозитите и кредитите, заклучно со февруари, е солиден и е умерено над очекувањата за првиот квартал од годината.
Советот оцени дека макроекономската состојба засега е стабилна и во согласност со последните проекции, но Народната банка ќе продолжи со внимателно следење на надворешното окружување и на потенцијалните ризици од светските и регионалните настани, заради одржување на макроекономската стабилност.
ПОПУЛАРНО НА ИНТЕРНЕТ...
