Соопштение на СДСМ:

Синдикалната кошничка за месец ноември 2024 година достигна шокантни 62.021 денари, со зголемување од 772 денари во однос на претходниот месец. Овој раст е само уште еден показател дека погрешните, инаетливи политики на владата предводена од Мицкоски ги притискаат граѓаните до работ на економска издржливост.

Цените на храната и основните производи секојдневно растат, додека платите стагнираат, а мерки од Владата нема. Граѓаните сè потешко ги покриваат основните трошоци. Семејствата се принудени да се откажуваат од потребите кои до вчера беа основни. Ова не е живот достоен за човек. Ова е резултат на неспособноста на владата и игнорирањето на проблемите со кои граѓаните секојдневно се соочуваат.

СДСМ ја изразува својата длабока загриженост за осиромашувањето на народот и за неодговорноста на власта која продолжува да ги става партиските интереси над потребите на граѓаните. Владата на Мицкоски не само што не презема конкретни мерки за намалување на ценовниот шок, туку со својата пасивност и неспособност дополнително ја влошува ситуацијата.

СДСМ веќе предложи две конкретни и ефикасни мерки кои можат веднаш да донесат вистинска помош за граѓаните:

Укинување на ДДВ на основните прехранбени производи, со што семејствата би заштедиле 2.000 денари месечно.

Зголемување на минималната плата на 450 евра, што ќе обезбеди минимално достоинство за работниците.

Но, што прави Мицкоски и неговата влада? Со политички инает и недостиг на емпатија кон сопствениот народ, тие ги блокираат овие решенија и одбиваат да ги поддржат. Наместо вистинска поддршка за граѓаните, гледаме само празни ветувања и одложувања, додека реалниот живот станува сè потежок.

СДСМ останува посветен на борбата за заштита на стандардот на граѓаните. Ние нема да дозволиме народот да биде жртва на партиската ароганција на ДПМНЕ. Народот заслужува влада која е на нивна страна, која ќе го слушне нивниот крик за помош и ќе преземе одговорност. Време е за акција, време е за мерки кои ќе го олеснат животот на граѓаните и ќе ја вратат надежта во економската стабилност!