СДСМ денес објави нов скандал поврзан со МВР и границата со Косово, овој пат поврзано со бегството на Блерим Рамадани. Тој не избегал, туку бил пуштен и со службено возило ја поминал границата со Косово, без да биде застанат и проверен.

„Денеска го прашуваме Тошковски, ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН, и им даваме можност сами да излезат во јавноста со фактите, а потоа да започне процес на истага и оставки од сите вклучени во скандалот со бегството на Блерим Рамадани“ рече пратеникот Митко Трајчулески на прес-конференција.

Тој запраша дали е точно дека на 10 август, кога Рамадани требало да биде во куќен притвор, тој всушност бил во Косово.

„Дали е точно дека на тој ден околу 18 часот и 40 минути, Рамадани со возило, без да биде застанато на границата, бил однесен на Косово и доцна вечерта вратен во куќниот притвор во Македонија? Потсетуваме дека ги имаме деталите и секоја лага на Владата и институциите во однос на ова е кривично дело“ рече Трајчулески.

Тој запраша и дали на 14 август, дента кога е избеган Рамадани, тој државата ја напуштил, на ист начин, со службено возило.

„Понатаму, прашуваме, дали е точно дека на 14.8 односно дента кога е избеган Рамадани, тој ја напуштил државата на ист начин со службено возило на државна институција, управувано од човек вработен во институциите, а повторно пропуштен на граничниот премин без никаква контрола? Дали ова не значи дека не станува збор за бегствто, туку организирано пуштање на затвореникот во Косово во кое учествувале македонските институции? Дали ова не е всушност партиско полициска организирана шема?“ запрашаа од СДСМ.

Трајчулески го праша и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски како е можно човек баран со меѓународна потерница буквално да се шетал преку границата два пати додека де факто е во притвор кој треба да го обезбедува МВР.

„Која е улогата на МВР во овозможување на прошетките на Рамадани и негово конечно напуштање непречено на државата? Очекуваме одговори во следните 24 часа, доколку не ги добиеме ќе ги објавиме сите информации од свиркачите кои ги добивме“ рече Трајчулески.