Нов тендерски скандал ја тресе владата на ВМРО-ДПМНЕ – министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски повторно го фаворизира партискиот бизнис-круг доделувајќи тендер вреден речиси 550.000 евра за изградба на челична настрешница. Договорот, според официјалните информации, е склучен со градежната компанија „Пирамид билдинг солушнс“, фирма која има долга историја на сомнителни тендерски победи во времето кога Муцунски беше градоначалник на Аеродром, обвини СДСМ.

Според СДСМ во неговиот мандат, истата компанија добила вкупно 11 тендери вредни 2 милиони евра, вклучително и договор вреден 335.000 евра за комунални услуги. Но, тоа не е сè – оваа фирма сега е фаворит и за парите од унгарскиот кредит. Само во последните три месеци, „Пирамид билдинг солушнс“ добила 3 тендери во вредност од 1,8 милиони евра. Дури и реконструкцијата на скверот зад ТЦ Капитол, вредна 700.000 евра, завршила во рацете на истата фирма, а почетокот на проектот лично го означил премиерот Христијан Мицкоски.

Ова е уште еден пример како ВМРО-ДПМНЕ систематски ги испумпува државните пари кон „свои“ компании, доделувајќи милионски зделки без никаква транспарентност. Наместо парите да се вложуваат во реални проекти за подобрување на животот на граѓаните, тие завршуваат во приватни џебови преку наместени тендери, посочија од опозицијата.

СДСМ бара итна истрага за овој случај и целосна отчетност за распределбата на парите од унгарскиот кредит. Фирмата инаку добила и три проекти од унгарскиот кредит. Македонските граѓани заслужуваат одговори: зошто половина милион евра се трошат на настрешница, наместо на проекти од вистинска важност за државата.