Изјавата на Изет Меџити дека Владата ќе вработи 2000 до 3000 партиски кадри на Меџити во државната администрација во најкус рок е скандал без преседан. Откако Таравари изјави дека прво требало да се решат етничките прашања, па потоа да се зборува за економијата, сега Меџити има нова стратегија – прво да се вдомат партиските кадри, а потоа ќе зборуваме за вработување на квалитетните и способните.

Ова денеска на прес-конференција го соопшти портпаролката на СДСМ, Богаднка Кузеска, како реакција на најавите на првиот вицепремиер за вработувања во државната администрација.

„СДСМ прашува: Според кои критериуми ќе се избираат овие 3000 вработени? Дали ќе има јавни конкурси или веќе постои список на „подобни“ кандидати? Дали овој список е веќе на масата на Христијан Мицкоски? Дали ВМРО-ДПМНЕ молчи затоа што веќе е договорено дека дел од овие вработувања ќе бидат за нивни кадри?“ рече портпаролката.

Таа потсети дека ВМРО-ДПМНЕ како опозиција, претходно тврдела дека администрацијата е пренатрупана, а денес наместо со реформи се занимава со партизирање на администрацијата.

Кузеска повика на реакција од надлежните институции.

„Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) итно да постапи по оваа изјава. Итно стопирање на сите моментални вработувања во државната администрација.
Целосна истрага за овој скандал од надлежните институции. Ова не смее да остане неказнето. СДСМ ќе се спротивстави на оваа политика и ќе ја брани праведноста и транспарентноста во институциите. Граѓаните заслужуваат држава во која секој ќе има еднаква можност, а не држава во која работните места се распределуваат според партиски списоци“ рече Кузеска.