Соопштение на СДСМ – интегрален текст:

СДСМ нема да биде како ВМРО и предвреме да осудува.

Досега сите нивни одлуки се покажаа како одлуки за поставување луѓе кои ги контролира Мицкоски како што беше примерот со неговиот советник кој го избраа за судија, или сопругата на градоначалникот на ВМРО.

Народот вели, кој се изгорел на млеко, дува и на јогурт.

Професионалниот профил на предложениот кандидат за нов државен Јавен обвинител, Ненад Савески говори дека станува збор за човек со долгогодишно искуство.

Но, клучното прашање е дали новиот Јавен обвинител ќе постапува независно, професионално, и непристрасно или под диктат на владата.

СДСМ и граѓаните внимателно и будно ќе ја следиме неговата работа токму по тоа – дали ќе има храброст да се спротивстави на притисоците и да постапува професионално, дури и кога станува збор за случаи кои водат до власта.

Владата на Мицкоски е потресена од низа сериозни афери и криминални скандали со тендери – од 161 тендер за една фирма, 51 тендер преку општините за друга, 74 милиони евра за трета фирма, 9 милиони евра тендери за фирма со двајца вработени, 1,2 милиони евра за фирма блиска до ЗНАМ преку Пошта.

Очекуваме пред сè независност, стручност и непристрасност. Да постапува по закон, да гони криминал без разлика кој стои зад него и да покаже дека обвинителството не е инструмент на власта.

Начинот на кој течеше разрешувањето на поранешниот обвинител, политичките притисоци и елиминацијата на обвинител јавно на телевизија од страна на Мицкоски, оставаат сериозен сомнеж во намерата на власта.

Оттука, новиот јавен обвинител го чека многу работа, особено во случаите со криминал и корупција на власта.

Предметите се тука. Нека ја врши својата работа. Законот мора да биде еднаков за сите. Правдата мора да биде достижна.