Интегрален текст од денешната прес конференција на СДСМ, Митко Трајчулески, пратеник:
Почитувани граѓани, почитувани медиуми,
Мицкоски и Тошковски вчера одмолчеа на прашањата кои ги постави СДСМ за бегството на Блерим Рамадани. Тошковски и МВР се скрија во глувчешка дупка бидејќи добро знаат дека информациите кои ги поседува СДСМ се точни и не може да ја скријат вистината за бегството на Рамадани.
Затоа, како што најавивме, денес ги објавуваме сите информации кои ги добивме од свиркачи по што бараме ОЈО да започне итна истрага. Истовремено, потребна е неотповиклива оставка од Тошковски и сите лица за кои имаме информации дека се вклучени во организација на бегството на Рамадани.
Како што вчера објавивме и според информациите до кои дојде СДСМ, на 10.8. додека Блерим Рамадани требало да биде во куќен притвор, тој всушност бил на Косово.
За неговиот транспорт до Косово бил задолжен ни помалку ни повеќе, туку Началникот на северната граница со Косово, Наим Рамука. Човек кој е неодамна поставен на оваа позиција од Тошковски.
Согласно информациите, Наим Рамука со возило Рено, го земал Блерим Рамадани од живеалиштето каде бил во куќен притвор. Од таму се упатиле кон границата со Косово кај Блаце и во 18 часот и 40 минути, по лентата за товарен сообраќај, ја поминале границата без никаква контрола.
Наим Рамука, за потсетување, е истиот началник на Тошковски кој ги пропушти Гаши и сватовите да поминат без контрола на истата граница.
Потоа, вечерта на 10.8, на ист начин, без контрола Рамука и Рамадани ја поминуваат назад границата кон Македонија и Рамадани се враќа во живеалиштето каде требало да биде во куќен притвор.
Одиме понатаму.
На 14.08, четири дена подоцна, односно на денот кога Рамадани официјално ја напушта државата, преку границата го носи друго лице.
За транспорт, овој пат со возило марка Фолксваген Пасат и скопски регистарски таблички, е задолжено лице вработено во општина Чаир како раководител. Неговиот идентитет нема да го откриеме и ќе почекаме тоа да го направи ОЈО.
Ова лице и Блерим Рамадани на границата со Блаце биле пропуштени од раководителот на смена без контрола, кој пак добил директна наредба да ги пропушти од погодете кој, Наим Рамука.
Раководителот од општина Чаир го носи и остава на Косово Блерим Рамадани и за многу кратко време се враќа назад и повторно ја поминува границата без никаков документ. Според информациите, тој немал ниту лична карта ниту пасош со себе, но по наредба бил пропуштен да помине назад.
Почитувани граѓани, ова е скандал од светски размери.
Прашуваме, што правел Тошковски и полицијата додека со часови Рамадани бил надвор од државата? Како е тука виновен било кој друг освен МВР што криминалец баран со меѓународна потерница, се шета преку границата кога сака и како сака.
Има ли поголем доказ дека ова е акција на МВР со коалициските партнери на ВМРО-ДПМНЕ за да се пушти Рамадани на слобода?
Ќе молчи ли повторно Тошковски за неговата вмешаност во овој скандал? Ќе продолжи ли да го брани Наим Рамука кој очигледно ја има приватизирано границата за свои политички потреби со амин токму на Тошковски?
Ќе има ли конечно одговорност или Мицкоски и Тошковски ќе продолжат да ја префрлаат вината на други?
СДСМ бара:
ОЈО веднаш да отвори постапка за организирано пуштање на слобода на затвореник од страна на лица вработени во МВР и Општина Чаир.
Да се истражи кој се учествувал во пуштањето на Рамадани и да се покренат постапки против сите. Доколку ова не го направи ОЈО, ќе сметаме дека го штити МВР и Тошковски од одговорност, но и сите останати инволвирани во овој случај.
Бараме Тошковски итно да поднесе оставка, а пред тоа да го направи, да ги разреши сите кои тој ги поставил на границата со Косово почнувајќи од Наим Рамука кој се однесува како шериф на границата.
Секако, Рамука ова не би го правел без амин од Тошковски, затоа двајцата мора да заминат. Му порачуваме да не се обидуваат преку жртвени јагниња од пониските ешалони да ја покриваат својата одговорност.
Бараме итна и неoдложна одлука за декласификација на камерите и снимките од границата за јавноста да ги види и се увери во нашите информации. Доколку ова не се направи, јасно е дека Тошковски сака да ја сокрие вистината. ОЈО и истражните органи, многу лесно може да ги проверат овие наводи преку камерите, но и граничниот систем за контрола на патници.