Генералштабот на руските вооружени сили започна со подготовки за вежби за употреба на нестратегиско нуклеарно оружје, соопшти денеска Министерството за одбрана на Русија.
Како што е наведено, по наредба на претседателот на Русија и врховен командант Владимир Путин, а со цел да се зголеми подготвеноста на нестратешките нуклеарни сили за извршување на борбени задачи, Генералштабот започна со подготовки за одржување вежби на ракетните единици. на Јужниот воен округ, пренесува РИА Новости.
Маневри ќе се одржат во блиска иднина и ќе бидат вклучени и воздухопловните сили и морнарицата.
Целта на вежбите е да се одржи подготвеноста на персоналот и опремата на единиците за борбена употреба на нестратегиско нуклеарно оружје за одговор и обезбедување на територијалниот интегритет и суверенитет на државата, соопшти руското Министерство.
Се додава дека ова е одговор на „провокативните изјави и заканите на одредени западни функционери“ против Русија.