Пишува: НЕНАД ЈОВАНОВИЌ

Мене псевдо-опозицијата ми личи на „излапен“ Дон Кихот. Како ја оправдувам оваа констатација? Не живеам во четири sида и се мешам со разни луѓе низ цела држава. Со луѓето со кои разговарам, а се „опозиционо настроени“, гледам дека тие луѓе се напуштени од својот дух, се наоѓаат во некоја „блажена летаргија“, и се разбира, единствено што прават е плукаат против државата и институциите.

Не велам дека тоа не е легитимно, ама велам дека во таквите констатации за државата и критика за институциите, нема никаков дух, смисла и идеја што да се прави со таа држава и тие институции. Ако сакате да бидам крајно отворен, еве, ќе кажам: псевдо-опозиционерите ми личат на Дон Кихот кој се наголтал ЛСД-таблетки или вијагра. И ако ме прашате што е тоа кое ги упропасти опозиционерите на ВМРО-ДПМНЕ и Левица, еве, ќе ви кажам кратко и јасно: задникот! Во своето буквално, симболичко и преносно значење на таквиот збор.

Од друга страна, никогаш не сум рекол дека СДСМ се „светци“ или „дар од бога“, јок, море, и далеку било! Видовме низ годините како разни битанги станаа СДСМ или влегоа во СДСМ за лична корист. Не затоа што се дел од вредностите на таа партија – ги заболе таквите Црвениот бан за вредности – туку едноставно затоа што СДСМ со Заев стана власт. Се изнагледав, ви велам, последниве години длабоко неавтентични луѓе, користољубиви ајвани, вистински ебиветри. Ама видов и благородни, оние кои преку лична болка и лично страдање го нашле патот до автентичноста, духот и вербата. И денес, дел од таквите луѓе, водат институции. Овде нема да лицитирам со имиња, важно е дека постојат.

Движејќи се низ светот, отруен од сомнеж, отруен од безумност, отруен од безредие, отруен од неработа, отруен од недисциплина и духовно мртвило, ете, повторно гледаме мега-скандал во Килиниката за онкологија. Некои луѓе од фелата, го гледаме и тоа, обврзани со Хипократова заклетва, шверцале лекови на црн пазар. Лекови кои се наменети за болните од рак, овие длабоко неавтентични и духовно умртвени луѓе – наместо на пациентите – ги препродавале на трети страни за, веројатно, силни пари. Што ги упропастило и овие инкриминирани доктори, сестри, службеници во јавната здравствена институција? Истото што ги упропасти и псевдо-опозиционерите – задникот! Во своето буквално, симболичко и преносно значење на таквиот збор.

Ама темата на оваа колумна не е ниту СДСМ, ниту ВМРО, ниту Левица, ниту фамозната Онкологија, туку нашата земја. Зошто на сите нас ни личи како на фантазмагорична сатира од романите на Курт Вонегат? Клучниот проблем на нашето страдање не е политиката, економијата, Ватикан, Русија, Кина, Америка, Европа, масоните… Нашиот проблем е вмровско-народњачкиот модел кој е анахрон и субкултурен, модел кој се пренесува од колено-на-колено последниве 100 и кусур години. Моето прашање е зошто се инсистира на таквиот модел. Глупави ли сме? Неспособни ли сме? Паразите ли сме? Не! Ништо од тоа. Ние сме народ како и секој друг народ на земјината топка. Тој вмроовско-ориентален модел на локалната политичка елита го помагаат, го финансираат, го поддржуваат токму оние „сиви зони“ во политиката за да останеме глупави, неспособни и паразити.

И сега се поставува ново (а сепак и старо прашање): а, зошто, по ѓаволите?

За да може да се краде, како зошто. А народот да остане во ориентален, источњачки деспотизам: неспособен, зависен и паразитски настроен. И тоа, се разбира, е многу лошо за државата, а многу добро за политичките елити кои, да не се разбереме погрешно: и опозицијата е дел од институциите на системот. Што значи дека и опозиционерите не се во своите џебови како црквени глувци, о, неее, и тоа како се намачкани со сите бои и валути.

Вчерашните протести беа слика и прилика дека тие немаат никаква врска ниту со болни, ниту со нивната реална и конкретна мака. Тие, овде да ме пресечете, никој од нив – не дај боже – ако дојде зорт, нема да се лечи во јавна здравствена клиника. Си ебале мајката, да знаете. Сите тие „силни опозиционери“ ќе се лечат на приватни клиники во странство.

Тука да ме сечете ако ве лажам.

извор Фронтлајн.мк