Претседателот Стево Пендаровски се обрати по повод отворањето на 51. Европска конференција на млади инженери, чиј домаќин по втор пат е Клубот на млади инженери при Инженерската институција на Македонија.
Конференцијата на тема „Поврзување на патеките на инженерите“ се одржува од 5 до 8 октомври на Факултетот за електротехнички науки и информатички технологии (ФЕИТ), под покровителство на претседателот Пендаровски.
На отворањето на конференцијата се обратија и претседателката на Инженерската институција на Македонија, Христина Спасевска, претседателката на Клубот на млади инженери, Тина Манолева и претседателот на Европските млади инженери, Пол Џенкинсон.

Во продолжение го проследуваме интегралниот текст од обраќањето на претседателот Пендаровски:
Почитувани инженери,
Ценети присутни,
Ми претставува голема чест и задоволство да ве поздравам и да ви посакам добредојде во Република Северна Македонија. Ме радува што Организацијата на Европски млади инженери прифати нашето виртуелно гостопримство од 2020 година да го дополниме со физичко присуство на оваа 51-ва Европска конференција на млади инженери.
Им благодарам на организаторите, на партнерите и на спонзорите, особено на Клубот на млади инженери при Инженерската институција на Македонија што овозможија младата европска креативна заедница тука, во Скопје, да разговара за иднината на професијата.
Слоганот на годинaшната конференција е: „Поврзување на патеките на инженерите“. Во овие зборови е содржана суштината на вашата работа, затоа што инженерството е умешност на изнаоѓање решенија за практичните проблеми преку она што фигуративно го нарекуваме, поврзување на точките. На инженерите, уште во најстари времиња, им била доверена задачата да градат патишта што ќе ги поврзуваат градовите, со цел, развој на тие цивилизации.
Во основа, вие тоа го правите и денес. Со таа разлика што патиштата што ги правите не се нужно од камен, бетон или асфалт, туку се и дигитални коридори од оптички кабли и безжични сигнали. Во модерни времиња, тоа се клучните патишта за трансфер на податоци, знаења, идеи и технологии од кои зависи развојот на економиите во дигиталната ера.
Инженерските патеки не секогаш се предвидливи и можат да водат до неочекувани научни, технички и технолошки пробиви. Ќе споменам само два примера. Во 1957-та, двајца дизајнери конструираа направа која била напојувана од сончева енергија и на шега ја нарекле „соларната машина што не прави ништо“. Денес, соларната енергија е клучна за одржливиот развој и за зелената трансформација на економиите. И македонскиот енергетски систем сè повеќе се ориентира кон искористување на соларниот потенцијал.
Второ, пред помалку од една година малкумина знаеја за ChatGPT. Денес, моделите на вештачка интелигенција што генерираат содржини се наше секојдневие и стануваат незаменливи во многу сектори.
Непредвидливите инженерски патеки се резултат на храброста и креативноста на инженерите кои се осмелуваат да излезат од комфорната зона на својата потесна струка за да ги комбинираат идеите и концептите од различни научни дисциплини. Од интердисциплинарноста произлегоа социјалните мрежи, роботиката, 3Д печатењето, системите за обновлива енергија, биоинженерството, паметните градови, градежни и инженерски потфати што ги надминуваат и најхрабрите замисли на футуристите.
Но, овие патишта не се целосно безопасни. Инженерските иновации честопати ја претркуваат регулацијата и отвораат простор за најразлични злоупотреби, од дезинформации преку сајберкриминал и сајбернапади. Во една прилика реков дека инженерски еквивалент на Хипократовата заклетва е таканаречената Архимедова заклетва, што подразбира, одговорно користење на знаењата и вештините за општото добро, водејќи, помеѓу останатото, сметка и за квалитетот на животот на луѓето и заштита на животната средина.
Почитувани инженери,
Меѓу многуте неизвесности што со себе ги носи четвртата индустриска револуција, едно е извесно – инженерската професија ќе има уште поважна улога во градењето на одржлива иднина. Од вас, повеќе од кој било друг, ќе зависи дали една држава и економија ќе напредува или стагнира, бидејќи вие ги поврзувате точките на развојот и ги градите патеките кон иднината. Токму затоа, наша должност е да го зајакнеме партнерството меѓу државата, науката, стопанството и граѓанскиот сектор за да овозможиме квалитетно инженерско образование.
Мора да вложуваме во иновациските екосистеми што привлекуваат инвестиции, генерираат квалитетни работни места и ги задржуваат младите во државата. Вие, младите инженери, не само на хартија, туку и во реалниот живот, треба да бидете двигатели на позитивните промени.
Уверен дека оваа конференција ќе придонесе за поврзување на вашите инженерски патеки и за отворањето на нови креативни хоризонти, ви посакувам убав престој и успешна конференција.