Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска го прими претставникот на Канцеларијата на Високиот комесаријат за бегалци при Обединетите Нации – УНХЦР, Габриел Гуалано де Годој.
На средбата беа разменети мислења и информации за досегашната соработка на македонските институции со УНХЦР, при што беше нагласена значајноста на нивната експертиза, како и институционалната и материјалната поддршка како клучни за зајакнување на капацитетите за изнаоѓање одржливи решенија за луѓето во ранливи ситуации.
Претседателката Сиљановска Давкова, потсетувајќи на нејзиниот ангажман како пратеник кога активно била вклучена во усвојувањето на законите подготвени со помош на УНХЦР, ја истакна нејзината длабока посветеност кон прашањата за бегалците, осигурувајќи се дека нашата правна рамка е усогласена со меѓународните стандарди. Таа го истакна ставот дека нашата земја ќе продолжи тесно да соработува со УНХЦР за да спасува животи и да гради подобра иднина за луѓето кои се принудени да ги напуштат своите домови поради конфликти, прогонство, климатски вонредни состојби.
Претседателката Сиљановска Давкова изрази задоволство и за интензивната соработка со УНХЦР во однос на прашањето за лицата без државјанство. Во таа насока, претседателката истакна дека измените на Законот за матичните книги и Законот за странци, како и нивната практична примена ја разрешија состојбата на над 700 лица без државјанство и дека очекува во скоро време да станеме првата земја во Европа која ќе го искорени овој проблем.