Изминатите години раководството на Министерството за внатрешни работи значително работеше на подобрување на својот имиџ во борбата со криминалот, а врвен приоритет на својата агенда беше како да ја врати довербата на институцијата кај граѓаните и со тоа да ја подобри и меѓународната слика за полицијата. Од Министерство кое важеше за партиски штаб, база на прислушување, најзатворена и заробена институција, денес македонските полицајци стојат рамо до рамо со своите европски колеги. Дали оваа позиција ќе се задржи останува да видиме од новото раководство.

Потврда за сериозните реформи кои се направени во МВР, институцијата доби и од претседателот на ИНТЕРПОЛ Ахмед Насер Ал-Раиси, на 50-та Европска регионална конференција на ИНТЕРПОЛ која минатата година се оддржа во Охрид. Македонската Полицијата постигнала значителни резултати во делот на намалување на криминалитетот, организираниот криминал, илегалната миграција, трговијата со дрога и оружје, сајбер криминалот, хибридните закани, тероризмот, насилниот екстремизам и радикализам. Но оваа статистика земјава не ја постигнала смостојно како излолирана единка, напротив резултатите се темелат на голбален пристап, оперативна меѓународна соработка и заедничките стратегии во делувањето.

Статистичките податоци за 2023 година говорат дека Македонија е најбезбедна земја на Балканот и има намален криминалитет за 11 проценти во однос на истиот период 2022. Тоа покажува не само што Македонија е во стабилна состојбата, туку тоа е индикатор кој покажува дека сите врвни приоритети во делот на безбедноста се остаруваат. Ова се едни од најдобрите резултати што земјава ги има во последните 30 години.

Масивна полициска акција искорени картел од Грчец

Една од најголемите акции во соработка со меѓународните полиции е разбивањето на групата од Грчец, дуќанџик и Чаир, за која доскорешниот министер за внатрешни работи во јануари годинава им објави војна на криминалците, но и на сите нивни соработници низ институциите.

„И тука не ме интересира ниту СДСМ, ниту ДУИ, ниту ВМРО-ДПМНЕ, ниту било кој друг. Ме интересираат колегите коишто работат. Ова го кажувам во име на целиот тим во МВР, кои работеа со години за да дојдеме до еден ваков резултат и јас немам никаков сомнеж дека тие колеги ќе продолжат и понатаму интензивно да работат на разоткривање на секој еден случај и секој еден што се вклучува во криминална активност. Не технички влади, свети технички влади нека има, овој процес не може да го стопира никој жив“, порача Спасовски.

Во масивна полициска операција во јануари годинава, органите на прогонот поднесоа кривични пријави против 16 лица вклучени во озлогласена организирана криминална група. Како што се вртат тркалата на правдата, седуммина од осомничените веќе се во притвор, од кои шестмина се приведени во обемна полициска акција што опфаќа 20 локации во Скопје, селото Грчец и други области. Шокантно, едно лице е приведено во Шпанија, а за останатите членови има меѓународни потерници. Обвиненијата се вртат околу набавка на кокаин и оркестрација на грозоморни убиства помеѓу декември 2019 и март 2021 година.

Осомничените, одржувале врски во јужноамериканските земји, организирајќи набавка и транспорт на над 500 килограми кокаин по морски пат до земјите од Европската унија. Дел од овие недозволени супстанци биле наменети за македонскиот нарко пазар. Случајот откри значителни докази, вмешани поединци во државните институции кои не само што поседувале информации туку активно се договарале во криминални активности.

Сите докази, според Спасовски, се обезбедени благодарение на извонредната меѓународна соработка, пред сѐ со Европол. Тој им оддаде признание и на тимот од МВР, како и на ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција, кои, како што рече, направиле квантен скок во динамизирањето на сите активности.

„Многу е значајно тоа што сме вклучени во групата Лимит (истражен тим од земјите членки, Франција, Белгија и Холандија – н.з.), која работи исклучиво за користење на сите информации и податоци од базата на Скај-платформата, која ние не можеме сами да ја користиме, туку преку нашите соработници“, рече министерот.

Првиот клучен момент за успешната акција го лоцираше во политичката волја од 2017 година. За вториот клучен момент ја смета вклученоста на МВР во меѓународната соработка, за разлика од претходно, со оглед дека во минатото немало ниту една средба меѓу директор на Европол и министер за внатрешни работи. Според Спасовски, токму кредибилитетот на МВР бил клучен за да ги добијат податоците и доказите кои се обезбедени од апликацијата Скај, која ја користат криминалните структури не само од РСМ, туку и пошироко.

„Има веќе многу податоци и утврдивме лица од институции на државата коишто ги пренесувале податоците, односно биле соработници на криминалните активности и ова е почеток на чистење на тие криминални структури во институциите на системот, а јакнење на довербата кај граѓаните. Ќе бидете сведоци во наредниот период за нови активности, некогаш ќе бидете и зачудени од имињата, меѓутоа правдата мора да го стигне секој. Сигурно дека ќе ги откриеме кога ќе дојде момент за таа работа“, рече тогаш Спасовски.

Информацијата не е изненадувачка, ако се има предвид дека многу малку беше пронајдено со акцијата „Планина“, спроведена во Грчец во март 2021 година. Тогашната шефица на ОЈО ГОКК, Вилма Русковска се пожали дека акцијата била пробиена.

Што значи комуникацијата преку Скај

Нема детали досега, но истражувањата на податоците добиени од разбивањето на комуникациите преку Скај ќе продолжат со месеци, можеби и со години. Европските служби планираат за секој уред со Скај, во Македонија ги имало околу 1.800 да направат профил и да ги испратат во државите од каде се криминалците. Во нив ќе има и судии, обвинители, полиацјци, началници, ама и политичари.

За полицајците веќе е откриен еден модус операнди за мито на граница, а тоа е дека за пари не ги заведувале пасошите на припадниците на групата на Муареми при излез од државата. Тие се шетале низ светот, а официјално во системот на МВР биле заведен дека се во Македонија со што си обезбедувале и алиби. Но, со помош на странски гранични полиции било потврдено дека ја напуштиле државата.

За началниците, обвинителите и судиите сомнежите се поголеми- дека издавале податоци при истражни дејства против групата. Исто така имало и влијание врз одлуки на овие правосудни инстанци од групата Грчец. Има сомнежи и за вработени во државни институции, општини и државни агенции. Примерот со перење пари преку недвижности само покажува дека парите од дрога успешно се пласирале како легални.

Заплена на големи количества дрога во 2023 година

Справување со трговијата со дрога како и трговијата со оружје како дел од сегментите во борбата против организираниот и транснационалниот криминал, се меѓу врвните приоритети на Министерството за внатрешни работи, а само во 2023 година се откриени над 576 кривични дела за трговија со дрога и пријавени се околу 680 сторители. При овие акции запленети се 304 кг марихуана, 7 кг амфетамини, околу 3,2 кг кокаин, околу 4000 парчиња екстази, 5000 таблети трамадол, 3500 таблети МДМА, а откриена е и една лабораторија за производство на амфетамини.

-Ова се резултатите кои што говорат за зголемување на откривачката функција во трговијата со дрога и покажуваат посветеност во работењето и тоа на највисоко ниво во сузбивањето и борбата против трговијата со дрога. Значителни постигнувања се остварени во спречување на организираните облици на трговија со дрога при што во овој период се пресечени три меѓународни транспорти на марихуана и се сузбиени 5 криминални групи кои дејствувале меѓународно и национално во делот на недозволената трговија со марихуана и кокаин, во кои членувале 28 македонски државјани и притоа се запленети околу 71 кг марихуана и 1,5 кг кокаин, а во рамки на две организирани криминални групи на територија на Албанија и на територија на Грција се запленети 429 кг кокаин“, посочи министерот Оливер Спасовски.

Голем дел од овие акции кои се реализираа по информации на службите од МВР, успешно спроведени во заеднички соработка со полициите од Албанија и Грција.

На почетокот на јуни минатата година, Одделот за криминалистичката полиција во рамки на заедничката меѓународна истрага за борба против дрога, во Солун, Грција и Американската служба за борба против дрога – ДЕА имаа успешно реализирана акција на заплена на 161 кг кокаин кој што бил транспортиран од Еквадор, а втората е на 104 кг кокаин, каде што се лишени од слобода 10 лица, од кои 7 се државјани на Грција и три државјани на Албанија, а 4 државјани на Република Северна Македонија.

-Секако, дека ова се одлични резултати, резултати кои што се едни од најдобрите во последните 30 години од независноста на државата до денеска и практично најголемите криминални групи и структури во државата во Скопје, познатите групи од Грчец, од Арачиново и од Чаир се скоро целосно разбиени и на тој начин дадовме еден сериозен одговор за тоа каква е намерата на државата да се справи со најтешките облици на криминалитет, а тоа е, секако, трговијата со дрога, подвлече Спасовски.

Пресечени 8 меѓународни транспорти на дрога

Со квалитетна соработка и размена на информации со партнерските служби во Европа и светот и во 2022 година се пресечени 8 меѓународни транспорти на дрога, од кои 6 на марихуана, еден на прекурсори и еден на кокаин. Само во текот на оваа година пресековме осум меѓународни транспорти на марихуана на следните релации: Албанија-Северна Македонија-Грција (три заплени), Албанија – Северна Македонија-Турција, Албанија-Северна Македонија-Бугарија, Албанија-Северна Македонија и Косово-Северна Македонија-Турција, како и по еден меѓународен транспорт на кокаин на релација Холандија-Македонија и на прекурсор Р-2-Р фенилацетон, кој е главен прекурсор за добивање на амфетамински тип стимуланси, на релација од Кина -Турција-Северна Македонија.

Зголемување во 2022 година има и при сузбивањето на криминалните групи, односно во 2022 година сузбиени се 10 криминални групи, запленети се 190.7 килограми марихуана, 15.452 стебла канабис сатива, 2.500 милилитри анхидрид и над 20 тона прекурсори „фенилацетон“. Покрај ова сузбиена е и група која на територија на Република Бугарија инсталирале нелегална лабораторија за производство на синтетички дроги амфетамин, метамфетамин и екстази и потоа неовластено произведената синтетичка дрога ја продавале на територија на Бугарија, а дел од неа транспортирале во Северна Македонија заради понатамошна продажба. Вредноста на вкупно запленетата дрога е над 205.5 милиони евра во кои имаме над 6.6 килограми хероин, над 2.2 тона марихуана и над 1200 килограми психотропни супстанци и прекурсори, што претставува показател за сериозно зголемена откривачка функција на полицијата во справување и со шверцот со дрога и наркотици.

Исто така, за обележување се откриените случаи на злоупотреба на седум (едно) правни лица со лиценца за одгледување на канабис за медицински цели на подрачје на Струмица, Охрид, Битола, Кочани, Куманово и Струга, при што од правните лица поради откриени неправилности и злоупотреби одземени се: еден тон и 931,4 килограм марихуана и 8.998 стебла „канабис сатива“.

Сето ова е во насока на позитивниот аспект на меѓународно позиционирање на Северна Македонија со приемот во НАТО во март 2020 година и прогресот од 2017 година во поглед на владеењето на правото, демократијата, човековите права, развојот на моделот на мултиетничките односи, надополнето со посветениот ангажман кон регионалната соработка и добрососедството.

Меѓународните партнери е дека Северна Македонија претставува кредибилен партнер и лидер во имплементацијата на заедничките оперативни активности иницирани од нивна страна, што претставува мотив повеќе за продолжување и интензивирање на соработката преку континуиран и несебичен придонес на нашата држава со сите расположливи капацитети.