Законите за четирите стратешки инвестиции, утре ќе се најдат пред пратениците. За овие закони веќе имаше реакции во јавноста, а се отворија и повеќе дебати. Реакциите се однесуваат на преголемите предности што им се даваат на инвеститорите, иако според вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, тие закони не ја дерогираат останатата регулатива во однос на обврските за даноци и други трошоци, пишува Градска.мк.
Во Собранието се предлог-законите за реализација на стратешките проекти: „Соларна електрична централа – Пехчево“, на стратешкиот инвеститор, ХЕК „Солар“ МК ДОО Негрево, Пехчево, вреден околу 51,9 милиони евра, стратешкиот инвестициски проект „Соларен парк Стипион“, на „Остро солар“ ДООЕЛ Скопје за изградба на фотоволтаична централа од 400 мегавати, вредна 270 милиони евра, инвестицискиот проект „Митилинеос“ за когенеративна постројка Скопје и стратешкиот инвестициски проект АИМ „Греен ТЕЦХ“, на стратешкиот инвеститор, АИМ „Греен ТЕЦХ“ ДООЕЛ Скопје, со кој ќе се комбинираат соларна енергија, мотори на гас и можност за батерии за баланс во мрежата.
На брифинг со новинарите, вицепремиерт Фатмир Битиќи посочи дека, на последниот јавен повик пријавени се 16 инвеститори, а избрани се осум и со истите се стапило во преговори. Од нив, одобрени се четири, сите од енергетскиот сектор. Додека пак со петтиот со кој се преговарало, вели Битиќи, преговорите се во напредна фаза и е од областа на туризмот за инвестиција на Попова Шапка.
Вкупната вредност на четирите стратешки инвестиции е 786 милиони евра.
„За првпат се води сметка за плодното земјоделско земјиште и заедно со Универзитетот во Штип станува збор на регулатива за агроволтаици, за кои досега немаше законска подлога во државата. Инвестицијата на „Стипион“ е 270 милиони евра, а за првпат се вклучува развојна компонента, која не е закон, ами придонес, па така инвеститорот е должен да врати по 1 едно евро во општината од секој метар квадратен за подобрување на социјалната инфраструктура. Парите ќе одат во посебен фонд во Развојната банка, а општините ќе конкурираат за парите со свои проекти. Се очекуваат 2,5 милиони евра годишно од сите 4 стратешки инвестиции само по овој основ,“ посочува Битиќи.
Градска.мк пишува дека, договорено е целата произведена струја од фотонапонскиот парк „Стипион“ со инсталиран капацитет од 400 мегавати и предвидена инвестиција од 270 милиони евра, во следните 30 години да ја откупува ЕСМ по гарантирана цена од 56 евра за мегават час. Додека пак, балансирањето да оди на заеднички товар на АКУМА и ЕСМ. На таа цена ќе може да се додаде и годишна инфлација од максимум 2 отсто, но согласно инфлацијата на еврозоната.