Повеќе од 2.700 лекари во Словачка денеска ја напуштија работата.
Бараат од министерот за здравство Камил Шашак да го запре процесот на трансформација на државните болници во акционерски друштва, соопшти Синдикалното здружение на лекари ЛОЗ.
Според словачкиот портал та3, синдикатот е свесен за проблемот со консолидација на јавните финансии, но кај медицинските работници, особено кај лекарите, се зголемува загриженоста за можното намалување на платите.
Претседателот на ЛОЗ Петер Висолајски за медиумите изјави дека ова не е првпат лекарите да поднесуваат масовни оставки и дека се надева дека „владата ќе се разуми и ќе почне да ги решава работите во корист на пациентите“.
„Бараме од владата средба, идеално со премиерот, на која би седнале и би ги решиле (проблемите) без словачките болници да останат без лекари“, додаде тој, посочувајќи дека ќе се зголеми бројот на оставки.
Истовремено, Шашко рече дека нема да ги приспособува своите одлуки на барањата на синдикатите, велејќи дека за здравството се одговорни владата и министерот за здравство.
„Нема да дозволам да решаваат прашања кои не се во нивна надлежност или надлежност со закана за отказ. Мене тоа многу повеќе ми мириса на политика отколку на одбрана на работните права, што во основа е задача на синдикатот“, рече министерот.
Тој истакна дека е подготвен да преговара со директорите на болниците, но дека јавните финансии се „црвена линија“ за него.