Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата изразува длабоко сочувство за трагично загинатите граѓани во пожарот во „дискотеката“ во Кочани и изразува искрени желби за побрзо закрепнување на повредените, се вели во соопштението кое го проследуваме во целост.
– Пожарот во Кочани е само последно во низата на случувања кои покажуваат дека корупцијата убива. За жал, по случајот во Ласкарци, случајот со „Беса транс“, пожарот во модуларната болница во Тетово, требаше да се случи и пожарот во „дискотеката“ во Кочани за одново да се потсетуваме дека повеќедецениската системска корупцијата зема животи.
Платформата будно ги следи постапките во случајот со пожарот во Кочани и укажува дека тоа што сега најмалку треба да се обезбеди е сеопфатна, темелна, непристрасна и натпартиска истрага. Бараме истрагата да се води отчетно и транспарентно и за неа да известуваат оние кои со закон се надлежни да го прават тоа.
Во овој момент, одговорноста е клучна и никој не треба да биде изземен од неа, без разлика дали и од која партија е, од која верска или етничка припадност е и дали е поранешен или сегашен функционер. Додека не создадеме систем во кој вистинските луѓе со интегритет ќе бидат на вистинските позиции, не треба да се откажеме.
Во досегашното еднодецениско постоење на платформата на граѓански организации за борба против корупцијата постојано реагираме и бараме промени во разни сегменти од системот што да се прифатеа, ќе оневозможија токму вакви случувања. Потребни се системски промени кои ќе покажат дека постои реална волја и заложба за бескомпромисна борба со корупцијата од сите чинители, а особено надлежните. За жал, праксата константно покажува дека желбата за лично богатење секогаш била над онаа за создавање на систем во кој правилата и процедурите ќе се почитуваат подеднакво од сите, на сите нивоа во општеството.
Имајќи ги предвид прогласените денови на жалост, Платформата за сега ќе се воздржи од натамошни коментари за конкретниот случај, но најавуваме дека во текот на идната недела ќе организираме прес-конференција на којашто ќе ги објавиме нашите конкретни барања што очекуваме да се спроведат од надлежните органи и тоа ќе го следиме за да започне колективна бескомпромисна борба против корупцијата, соопштија од Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата.