Под мотото „Твојата свесност е најважниот филтер“, почнувајќи од денес па се до 4 ноември, во организација на Мрежата на медиумска писменост, по шести пат ќе се одржат Деновите на медиумска писменост 2024. Петнаесет членки на Мрежата, и нивни поддржувачи, ќе организираат 22 настани на различни локации низ целата држава, а некои од нив ќе се одржат и онлајн. На овој начин нашата земја се приклучува кон Глобалната недела на медиумска и информациска писменост на УНЕСКО.

На денешната Конференција „Политики за медиумска писменост во ерата нa вештачката интелегенција“, директорот на АВМУ д-р Зоран Трајчевски, посочи дека „Деновите на медиумска писменост се најзначајниот национален настан за мобилизирање на граѓаните, граѓанските организации, образовните установи, медиумите и државните институции, како и за подигање на нивната свест за важноста на медиумската писменост. Фокусот оваа година е на вештачката интелигенција, која е веќе толку присутна, што сметавме дека неизоставно мора малку подлабоко да продискутираме за неа“.

Конференцијата опфати три панели, од кои на првиот панел се одржа работилницата „Вештачката интелегенција и авторските права“, со д-р. Ханес Хенке, експерт од СР Германија, ангажиран преку Твининг проектот „Зајакнување на капацитетите на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и Јавниот Радиодифузен Сервис“. На вториот панел, организиран од Хелсиншкиот комитет за човекови права се дискутираше на тема „Етика во користењето на вештачката интелигенција“, додека на последниот панел „Политики за развој на свесноста за ризиците од дезинформации“ организиран од Институтот за истражување на општествениот развој РЕСИС, беа презентирани компаративните наоди од Мониторот на медиумскиот плурализам во дигиталното доба (МПМ 2024), за индикаторите медиумска писменост и заштита од дезинформации.

За потребите на Деновите за медиумска писменост 2024 изработени се видео и аудио спот на македонски, албански и англиски јазик. Спотовите веќе се емитуваат на медиумите со цел поголем број граѓани да се информираат за настаните за медиумска писменост.

Повеќе информации за настаните што ќе се одржуваат во живо или онлајн и за медиумските содржини кои ќе се прикажуваат во рамките на Деновите, може да се најдат на веб – страниците mediumskapismenost.mk и avmu.mk и на Facebook, Instagram и Youtube каналот на Мрежата за медиумска писменост.