Во духот на новогодишните празници, ОКТА продолжи со својата традиција на поддршка на локалната заедница преку донации намени за централното општинско основно училиште „Браќа Миладиновци“ во Миладиновци, како и за двете подрачни училишта во селата Мршевци и Текија во општина Илинден. Оваа година покрај новогодишни пакетчиња, компанијата донираше и агрегат за струја што ќе овозможи непречено одвивање на наставата во услови на прекин на електричната енергија.

„Остануваме посветени на нашата заложба да даваме континуирана поддршка во образованието и развојот на идните генерации, преку подобрување на нивните услови за учење. Овие празници ги израдувавме дечињата со новогодишни пакетчиња, додека со донацијата на агрегатот за струја веруваме дека ќе овозможиме континуитет во спроведувањето на наставата, што претставува предизвик особено во зимските месеци“, изјави Марија Ставрева, менаџер за корпоративна општествена одговорност на ОКТА.

Оваа предновогодишна донација е дел од континуираните општествено одговорни активности на ОКТА насочени кон образованието и унапредувањето на условите за учениците во локалната заедница, кои оваа година вклучија донација на две фотоволтаични централи во училишта во Велес и Гевгелија, донација на фотоволтаични сообраќајни знаци во близина на училишта во Центар и спроведување на кампања за сообраќајна едукација на најмладите како дел од платформата на ОКТА „Јас Внимавам“.
Директорот на централното основно училиште „Браќа Миладиновци“, Дарко Петковски, му се заблагодари на тимот на ОКТА за поддршката. „Оваа донација значително ќе го подобри функционирањето на нашето училиште, особено во услови кога е неопходна дополнителна енергетска сигурност. Пакетчињата пак им донесоа голема радост на нашите најмлади ученици, кои секогаш се радуваат на ова убаво празнично изненадување“, рече Петковски.

ОКТА продолжува со својот ангажман во поддршката на локалната заедница, насочувајќи ги вложувањата кон образованието, младите и нивниот просперитет.