Превод од англиски јазик на написот Defence Against Disinformation and Attacks on Democracy со кој му оддаваме почит на прерано починатиот соборец во битката против дезинформациите.

Пишува: ИЛИЈА ЖУПАНОСКИ (1982 – 2023)
Советник за дигитални комуникации на премиерот на Северна Македонија

Употребата на информатичките и комуникациските технологии може да биде многу корисна кога станува збор за постигнување на традиционалните дипломатски цели. Информациите што се споделуваат на социјалните мрежи брзо се шират низ целиот свет, пренесувајќи пораки, слики или видеа од една земја за да привлечат симпатии на граѓаните во друга земја. Во модерниот денешен свет, дигиталните комуникации им овозможија на владите значително да ја зголемат транспарентноста на нивните институции со редовно обезбедување информации за граѓаните и ја зголемија нивната отвореност, одржувајќи го високо граѓанското ниво на доверба во властите.

За жал, истите технологии може да се користат и за поткопување на довербата на граѓаните во нивните влади, за лични напади и дискредитирање на политичкото раководство, за промена на политичкиот и општествениот дискурс, за замешување во изборите, за ширење страв и паника меѓу населението итн. Ова може да се постигне со ширење дезинформации насочени кон граѓаните – воспоставување намерна циркулација на лажни приказни кои наликуваат на вести, ширени на Интернет – и со помош на други медиуми, кои објавуваат интерпретирани, манипулирани и погрешни содржини, нагласени со лажен контекст или корелации, сатира и пародија, „дип-фејк“ видеа и слично. Ова често се спроведува од различни центри на моќ со посебен интерес што имплицира материјална или политичка добивка за оние што нарачуваат такви приказни.

СЛУЧАЈ ВО ФОКУС: „ШЕГАТА“ СО ГРЕТА ТУНБЕРГ

На крајот на ноември 2019 година, премиерот на Република Северна Македонија, Зоран Заев имаше закажан телефонски разговор со Грета Тунберг, глобално позната млада климатска активистка. Ваков настан не беше невообичаен, знаејќи дека приоритетите на Владата на Северна Македонија и нејзиниот премиер ја вклучуваа и заштитата на животната средина и дека на почетокот на истата година Владата го објави „Планот за чист воздух“, предвидувајќи итни мерки, кои се очекуваше да дадат опипливи резултати на долг рок, но кој вклучуваше и среднорочни и краткорочни акции за почист воздух во најзагадените области низ државата.

Првиот пат кога ја видовме Грета Тунберг беше кон крајот на јануари на Светскиот економски форум во Давос, каде тимот на премиерот учествуваше на панел дискусија со Тунберг како главен говорник. Таа го отвори своето обраќање со зборовите „Нашата куќа гори!“ и рече дека ние, како цивилизација, имаме помалку од осум години да ја спасиме планетата, привлекувајќи внимание за алармантната ситуација во однос на глобалното загадување. Подоцна истата година, во септември, имавме уште една средба со Тунберг на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк, каде што таа пристигна по нејзиното двонеделно без-јаглеродно патување од Шведска на јахта, опремена со соларни панели и подводни турбини кои генерираа електрична енергија.

Во очекување на телефонскиот разговор со Грета, придружувана од нејзиниот татко Сванте, тимот на премиерот беше свесен дека средба од таков профил може да ги подигне нашите еколошки напори на меѓународно ниво.

Иницијативата за средба со младата Тунберг што потекна од нејзиниот тим беше договорена од нашата странска дипломатска мисија. Идентитетот и информациите за контакт беа проверени по првичното воспоставување на контакт, со дополнителна проверка од кабинетот на премиерот пред средбата. Адресите за е-пошта на Грета и нејзиниот татко беа поврзани со брендирана веб-страница на која се наоѓаат содржини за активностите на оваа млада екологистка, додека телефонските броеви припаѓаа на кодот на областа од земјата во која Тунберг живее и е активна. Покрај тоа, тимот за комуникација спроведе длабинска анализа во однос на покренатата иницијатива и откри дека Грета редовно се вклучува во дискусии со политичките лидери ширум светот за да испрати пораки за потребата да се заштити животната средина и да се спаси планетата.

Затоа, сè беше во ред за средбата да се одржи.

Телефонската комуникација е воспоставена точно во 16 часот. Првично, тие разговараа во опуштена атмосфера додека премиерот Заев не почувствува необичен подтекст во прашањата што ги постави младата девојка, претставувајќи се како Грета Тунберг, што го натера да се посомнева во идентитетот на лицето од другата страна на линијата. По повикот, кој траеше околу десет минути, премиерот веднаш ја сподели загриженоста за кредибилитетот на неговиот соговорник со тимот од неговите советници. Во тој момент беше покрената истрага за да се потврди дали лицето со кое комуницирал премиерот е всушност Грета Тунберг или не. Набргу потоа, истрагата доведе до семејството на Грета, кое потврди дека тие не учествувале на таков состанок. Како резултат на тоа, беше донесен заеднички заклучок: се работи за измама во која мета е премиерот на Северна Македонија Зоран Заев и кражба на идентитетот на активистката Грета Тунберг. Нејзините родители, откако дознаа за овој настан, изразија сериозна загриженост и вознемиреност, велејќи дека соодветно ќе ги информираат властите во нивната земја за настанот.

Откако бевме сигурни дека имаме работа со „пранкерски“ повик, без да знаеме кој го извршил и нарачал и за каква цел, беше донесена брза одлука да се информира јавноста и да се обезбеди транспарентен извештај за тоа што се случило, со што се пресретна и се деконструираше овој напад. Имено, на Меѓународната конференција Е-Општество насловена „Отворени институции и отчетност“, овој настан го изложи Марјан Забрчанец, национален координатор за стратешки комуникации на Владата на Северна Македонија, на панел дискусијата посветена на борбата против дезинформациите, велејќи дека откривме и спречивме хибриден напад од измамници, кои се претставуваа како Грета Тунберг.

Од самиот почеток, овој инцидент беше окарактеризиран како хибриден напад, имајќи предвид дека измамниците користеле различни алатки за да ги прекршат безбедносните протоколи на Владата и да организираат лажна средба, која ќе биде објавена неколку месеци подоцна како аудио снимка, со додадена видео анимација, за поголем ефект како комуникациски производ.

Осум месеци подоцна, ваквите предвидувања станаа реалност. Токму кога помисливме дека можеби се откажале од идејата да ја објават аудио снимката затоа што нивниот напад беше амортизиран, сторителите јавно ја објавија снимката една недела пред денот на парламентарните избори во Северна Македонија, односно, пет дена пред предизборниот молк, кој го означува крајот на изборните кампањи. Јавното објавување на снимката го откри идентитетот на „пранкерите“, бидејќи тие ја поставија снимката на нивниот канал на YouTube. Оттука, се дозна дека зад овој хибриден напад стојат руските „пранкери“ Владимир Кузњецов и Алексеј Стољаров, познати и како Вован и Лексус.

Фактот што чекаа осум месеци за да ја објават снимката пред парламентарните избори е јасен показател за целта на нападот: да се урне рејтингот на премиерот Зоран Заев, да се дискредитира и да се влијае врз исходот на изборите.

Судејќи според тоа колку пати видеото беше споделено на социјалните мрежи на денот на неговото објавување, стана очигледно дека некои луѓе нетрпеливо го очекувале неговото појавување, подготвени да го рашират видеото колку што е можно пошироко, надевајќи се дека тоа ќе нанесе голема штета и дека луѓето нашироко ќе разговараат за него и ќе се шегуваат. Таквиот исход би ги обесхрабрил можните гласачи на премиерот да излезат на гласачките места и да гласаат поради товарот на срамот и разочарувањето од нивните политички фаворити. Неизбежно, оваа аудио бомба ќе имаше толку разорен ефект, доколку не беше деактивирана осум месеци порано. Се појави на сите медиуми, но не успеа во обидот да изненади некого и да создаде голема врева. Сите вести, емитувани во мејнстрим медиумите, прикажуваа клипови од аудио снимката прикачени на видео анимација, но вклучуваа и извештај за видеото, објавен осум месеци претходно, со изјавата на Марјан Забрчанец дека властите откриле и спречиле хибриден напад, започнат од страна на измамници, кои го презеле идентитетот на младата Грета Тунберг.

Затоа, ефектот на снежна топка беше запрен во зачеток. Со одлуката да се тргне по патот на проактивна транспарентност и да се обелодени случајот, се поткопа планот, кој резултираше со неуспех на видеото да ја постигне посакуваната цел осум месеци подоцна. Конкретно, партијата на премиерот победи на уште едни избори и формираше влада.

Четири месеци подоцна, во ноември 2020 година, кога почна да паѓа во заборав „пранкот“ на руските комичари кои се претставуваа како Грета Тунберг, на интернет се појави уште едно видео слично на она со премиерот Заев. Повторно, истата хибридна алатка за напад беше искористена во нападот, во која беа „пранкерите“ Вован и Лексус, крадејќи го идентитетот на Грета Тунберг и користејќи ја истата видео анимација – но овој пат нивна жртва беше Џастин Трудо, премиерот на Канада. Навистина жален обид!

На крајот, познавачите на оваа тема поставија прашање за алатките за ширење на дезинформации: дали таквите алатки може да се купат на црниот пазар од некој што сака да предизвика политичка штета – неморално, но сепак – токму пред изборите?

ПРЕДЛОЖЕН ПЛАН ЗА ОДЛУЧНО ДЕЈСТВО ПРОТИВ ШИРЕЊЕ НА ДЕЗИНФОРМАЦИИ И НАПАДИ ВРЗ ДЕМОКРАТИЈАТА

Дезинформациите и другите алатки, користени за промена на политичкиот и општествениот дискурс и за поткопување на довербата на граѓаните во институциите, не беа непознати пред инцидентот со украдениот идентитет на Тунберг. Во 2018 година, граѓаните на сегашната Северна Македонија на референдумот гласаа за конечно решавање на спорот за името со Грција, чие решение подразбираше промена на името на земјата од Македонија во Северна Македонија. Решавањето на спорот за името беше меѓу предусловите за интеграција на земјава во НАТО, што официјално се случи во 2020 година, и за почеток на пристапните преговори со Европската унија, што следи. Сите овие важни случувања во државата беа придружени со силни кампањи со дезинформации, чија цел беше да го попречат успехот на референдумот и да ја спречат Северна Македонија да стане земја членка на НАТО.

Во 2019 година, преокупиран од настаните поврзани со дезинформации, премиерот Заев одржа прес-конференција, на која лично најави почеток на решително делување против дезинформациите и ја презентираше платформата каде што институциите, медиумите и граѓанскиот сектор заеднички ќе разговараат и ќе предложат мерки за справување со лажните вести и погрешните информации. Поконкретно, платформата беше лансирана како „ПРЕДЛОГ-ПЛАН ЗА ОДЛУЧНА АКЦИЈА ПРОТИВ ШИРЕЊЕ ДЕЗИНФОРМАЦИИ“. Првично, овој план вклучуваше 18 точки на дејствување и неговото име беше намерно означено како „предлог“ – документот не беше завршен и не беше планирано некогаш да биде комплетиран, при што изборот на мерки не е конечен, туку отворен за измени. Конкретно, планот беше дизајниран како скелетна конструкција што треба да послужи како појдовна точка за специфични активности во иднина и има за цел системски да се спротивставува на ширењето на дезинформации. Борбата против дезинформациите е можна само со множество на различни активности, мерки и проекти, додека списокот на алатки треба континуирано да се проширува, имајќи предвид дека методите што се користат за циркулирање на дезинформациите постојано се менуваат и се изумуваат нови форми. Предложениот план беше претставен како отворен документ, подложен на придонеси и интервенции од граѓанските организации, медиумите и медиумските работници, односно, сите општествени чинители што ќе поднесат предлози за дополнителни активности, кои би можеле да бидат од помош во справувањето со дезинформациите, додека Владата се обврза да посвети посебно внимание и да обезбеди силна поддршка на ваквите активности.

„Предлог-планот за одлучна акција против ширење дезинформации“, претставен во 2019 година, беше дизајниран во согласност со основните мерки, предложени од Европската комисија и Комитетот на експерти за квалитетно новинарство на Советот на Европа. Тој беше составен и од знаењето собрано од членството во комисијата на претставници од Кабинетот на премиерот, Агенцијата за комуникации и информации на НАТО, идеи кои произлегоа како дел од соработката со Амбасадата на Соединетите Американски Држави во Северна Македонија, Агенцијата на САД за Меѓународен развој, Европската дигитална дипломатска размена (мрежа иницирана и модерирана од Центарот за европска перспектива – CEP и поддржана од Стејт департментот на САД), како и професионализацијата од страна на Владата на Обединетото Кралство на единицата за комуникации на Владата на Северна Македонија итн.

Во овој документ се наведени неколку точки, вклучени во предложениот план, а треба да се напомене дека некои активности се веќе спроведени, додека спроведувањето на другите е во тек. Предложени се следните мерки:

ревидирање на постоечките и креирање нови внатрешни безбедносни протоколи за комуникација во институциите и комуникација со надворешни субјекти, со цел намалување на можностите за протекување на сензитивни информации;
воведување безбедносен протокол за дигитални комуникации за сите државни службеници, за безбедно користење на интернет, службена електронска пошта, службен мобилен телефон итн.
зајакнување на внатрешната ИТ инфраструктура во владата и министерствата и проверка на системот за контрола на мрежниот сообраќај, со цел навремено спречување на малициозен сообраќај и спречување на надворешни напади на инфраструктурата.
воспоставување на протокол за кризни комуникации помеѓу централниот владин комуникациски сервис и министерствата, кој ќе има за цел брзо и точно спротивставување на дезинформациите, кои се шират преку социјални медиуми и интернет порталите.
владата ќе продолжи да вложува во активната транспарентност, со цел да ја доближи својата работа до граѓаните и да ја зголеми довербата на граѓаните во институциите. – Во 2019 година, како дел од оваа заложба, Владата на Северна Македонија ја изработи првата национална Стратегија за транспарентност;
владата ќе спроведува внатрешна кампања за вработените во државната администрација, за постоењето и штетното влијание на дезинформациите
едукативна кампања од јавен интерес за постоењето и штетното влијание кое дезинформациите го имаат врз општество.
владата ќе отвори дискусија со медиумите за утврдување модел на поддршка за продукција на медиумски содржини на тема борба со дезинформации, како и поддршка за едукативни програми и тренинзи наменети за медиумските работници со цел нивно професионално сензибилизирање во борбата со дезинформациите.
владата ќе започне процес на креирање национална стратегија за медиумската писменост во чии рамки ќе бидат опфатени активности на институциите, медиумите и граѓанскиот сектор, како и вклучување на медиумската писменост во образовните програми на министерството за образование и наука. владата ќе поддржува и ќе биде активен партнер на граѓанскиот сектор во спроведување програми и тренинзи за медиумска писменост и ќе спроведува и едукација за медиумска писменост на вработените во државната администрација.
владата на својата веб страна ќе објавува официјални одговори на прашања на медиуми и граѓани, со цел да се спречи извртување на официјалните ставови на владата.
акциската група за борба против дезинформации и напади на демократијата активно ќе соработува со сите платформи на социјалните медиуми кои најчесто се користат за брза дистрибуција на дезинформациите.
владата активно ќе ја поттикнува дискусијата помеѓу медиумите, медиумските здруженија и граѓанскиот сектор, со цел саморегулација, ко-регулација и утврдување на медиумски стандарди за интернет порталите, согласно препораките на европската комисија и советот на европа.
владата и институциите активно ќе соработуваат со сите организации и проекти кои работат на проверка на фактите (fact checkers), преку навремено и брзо одговарање на нивните прашања, при проверката на фактите. владата ќе иницира организациите кои се бават со проверка на фактите, да создадат регистар за утврдени и разобличени дезинформации и линкови од изворите на истите.

СОРАБОТКАТА Е КРУЦИЈАЛНА

Конечно, дозволете ми да подвлечам дека доколку навистина сакаме да дизајнираме ефикасно множество на мерки што ќе дадат резултати на полето на борбата против дезинформациите, важно е сите земји да соработуваат и да разменуваат информации за ефикасноста на поединечните мерки, спроведени од различни влади. Врз основа на поблиско испитување, дури и содржината на дезинформациите што се шират во различни земји се чини дека се реплицира, како што бевме сведоци во случајот на ширење дезинформации поврзани со пандемијата на COVID-19.

Заедничката работа и соработка на меѓународно ниво овозможуваат полесно и побрзо демонтирање на лажните вести и минимизирање на разорниот ефект на дезинформациите, ублажувајќи ја штетата што може да му се нанесе на општеството. Покрај тоа, соработката и брзата комуникација со платформите на социјалните медиуми се подеднакво важни во борбата против дезинформациите. Направени се големи откритија во тој поглед, но треба да се напомене дека не сите социјални мрежи го прифаќаат истиот пристап за соработка со граѓанските организации и владите.

Оваа година нашата Влада ја вклучи борбата против дезинформациите меѓу првите десет приоритети, елаборирани во документот наречен „Акција 2021“ и ќе продолжи да работи на овој акционен план и да се бори против дезинформациите. Под водство на премиерот Заев, им припишуваме големо значење на транспарентноста и на меѓународната соработка и затоа ќе се приклучиме и ќе иницираме различни аранжмани за соработка и за размена на искуства во борбата против дезинформациите. Истовремено, подеднакво е важно да се учи од искуствата на другите земји, што би ни овозможило континуирано да воведуваме нови алатки во борбата против дезинформациите и нападите врз демократијата.

Извор: Smk.mk