Интегрален текст оод соопштение за јавност на Министерство за транспорт:

Министерството за транспорт го објави јавниот повик за финансиска поддршка за воведување на нови дестинации од Мeѓународниот аеродром Скопје и Св. Апостол Павле во Охрид за период 2025-2027 година.

Во рамките на тригодишната програма за оваа намена предвидени се средства во висина од 360 милиони денари. 

Јавниот повик е отворен и на него можат да се пријават сите заинтересирани авиокомпании кои ги исполуваат следниве критериуми:  

  • Да поседуваат уверение за исполнување на безбедносни услови за вршење на јавен воздушен превоз
  • Да имаат превезено најмалку 5 милиони патници во 2023 година
  • Да имаат остварено профит од минимум 10 милиони евра во 2023 година

Финансиската поддршка ќе се доделува согласно критериумите за рангирање на новите дестинации по следниот редослед:

  • Период на oперирање на дестинацијата
  • Број на неделни летови
  • Атрактивност на аеродромот кон кој оперира
  • Број на седишта понудени на продажба

Во однос на износот на финансиската поддршка таа ќе изнесува:

  • 9 евра во денарска против вредност по патник во доаѓање превезен од Меѓународен аеродром Скопје
  • 12 евра во денарска против вредност по патник во доаѓање превезен од аеродромот Св. Апостол Павле – Охрид.

Секоја нова дестинација за која се доделува финансиската поддршка, а ќе оперира од Меѓународниот аеродром Скопје и Св. Апостол Павле во Охрид, не треба да биде опслужувана во редовен превоз во последните две ИАТА сезони. 

Понатаму, авиопревозникот кој е избран за корисник за финансиска поддршка е должен:  

  • Секоја нова дестинација воспоставена до/од аеродромите во Скопје и Охрид, за која се доделува оваа финансиска поддршка треба да ја опслужува најмалку два пати неделно во секоја од ИАТА сезоните според однапред утврден ред на летање.
  • Да изработи план за промоција и маркетинг на предложените дестинации
  • На секои шест месеци да доставува извештај до Министерството за транспорт


Краен рок за доставување на барањата за учество во постапката е 07 октомври 2024 година до 10:00 часот, во архивата на Министерството за транспорт. 

Јавниот повик е објавен во Службен весник, на веб страната на Министерството за транспорт и врски, како и во домашни печатени медиуми и еден странски медиум.