Дополнетиот ребаланс на Буџетот за 2026 година, кој Владата вчера го усвои по комисиската расправа во Собранието можеби изгледа како вообичаена финансиска операција со која се коригираат приходите и расходите на државата. Но, подеталниот поглед покажува дека зад бројките се крие многу поширока политичка и економска стратегија.
Од министерството за финансии денеска го соопштија начинот на кој се распределуваат дополнителните средства кои откриваат и какви политички и економски приоритети сака да истакне извршната власт во периодот што следува. Иако вкупните буџетски рамки остануваат речиси непроменети со приходи од 379,5 милијарди денари и расходи од 425,8 милијарди денари прераспределбата на средствата покажува дека Владата настојува да испрати порака дека економскиот раст и социјалната стабилност треба да одат рака под рака. Највидливата промена во ребалансот е насочена кон дополнителни средства кон категории кои традиционално имаат силно социјално и политичко значење.
Министерството за финансии известува дека земјоделството повторно добива истакнато место во буџетската политика, но овој пат акцентот не е ставен само на субвенциите, туку и на жените кои се занимаваат со земјоделска дејност. Со тоа Владата испраќа сигнал дека руралниот развој и економското зајакнување на жените ќе бидат дел од нејзината политичка агенда. Паралелно со тоа, истакнува дека ребалансот отвора и нова димензија на социјалната политика. Средствата за национална СОС-линија и за отворање на два центри за згрижување жртви на семејно и родово насилство покажуваат дека Владата се обидува да ја прошири улогата на државата во областите кои со години беа главно поддржувани од граѓанскиот сектор и меѓународните организации. Дополнителните издвојувања за социјални надоместоци, народни кујни, заштитни друштва и мерки за деинституционализација, исто така, зборуваат за обидот на институциите да одговорат на притисокот што растечките животни трошоци го создаваат кај најранливите категории граѓани.
Интересно е што, покрај социјалната компонента, Владата не се откажува ниту од инвестициите. Најголемата финансиска порака доаѓа преку капиталните инвестиции. Со речиси 46 милијарди денари, што е за 14,5 проценти повеќе од иницијалниот буџет, Владата покажува дека не се откажува од стратегијата економскиот раст да го темели врз инфраструктурни проекти и јавни инвестиции. Во исто време, МФ известува дека дополнителни средства добиваат и железничкиот сообраќај, спортот, студентскиот и ученичкиот стандард, како и здравствениот сектор. Таквата распределба покажува настојување буџетските средства да бидат распоредени во повеќе области истовремено од инфраструктура и транспорт, до образование и здравство.
Сепак, зад зголемените инвестиции стои и прашањето за одржливоста на јавните финансии. Буџетскиот дефицит останува на ниво од 46,3 милијарди денари, односно 4,1 процент од бруто-домашниот производ додека Владата очекува економски раст од 3,5 проценти, што треба да биде клучниот механизам за одржување на планираните расходи. Одлуката истовремено да се намалат расходите за стоки и услуги сугерира обид за рационализација на тековното трошење и пренасочување на парите кон области што носат поголем политички и економски ефект.
Во суштина, ребалансот покажува дека Владата се обидува да постигне рамнотежа меѓу две цели, од една страна да обезбеди видлива социјална поддршка за најранливите категории, а од друга да ја задржи динамиката на инвестициите и економскиот раст. Токму успешноста на таа рамнотежа ќе биде еден од клучните тестови за економската политика до крајот на годината.