Пишува: ЉУБИША НИКОЛОВСКИ

Американската дипломатија од секогаш била моќна, затоа што зад зборовите стоеле други моќни алатки кои ги поткрепувале дипломатски срочените фрази. Оттаму и дипломатскиот вокабулар што го употребуваат официјалните претставници на американската администрација е најчесто директен, во очи, без завиени флоскули, особено кога ќе почувствуваат дека претходните „пораки“ не допреле до адресираниот.

Индикативно е што ваквиот начин на комуникација следува во ситуации кога „службите“ ќе проценат дека геостратешките интереси на САД на некој начин се загрозени или има тенденција на нивно денунцирање.

Неразумното опирање на македонската опозиција да ги подржи уставните промени со што би се довел во прашање започнатиот процес на преговори за членство во ЕУ, очигледно е сигнал за аларм кај американските сојузници во НАТО кои немаат веќе време да се занимаваат со ВМРО-ДПМНЕ во дипломатски ракавици и затоа ќе добијат ваква пријателска порака:

„Исто така, сакам да бидам јасен за влијанието врз односите со САД ако Северна Македонија избере друг пат – да се реши против уставни измени, да заталка од патот кон ЕУ… Тоа би било загрижувачки за една членка на НАТО, земја за која се обврзавме дека ќе ја браниме врз основа на заедничките вредности, да го заврти грбот на ЕУ. Затоа, ние сме пријатели, нема да прекинеме да бидеме пријатели, но лидерите во САД го набљудуваат изборот што тука ќе се направи во наредните месеци и се надеваме дека вашиот избор да се приклучите безбедносно во НАТО ќе се надополни со слична одлука да и се приклучите на ЕУ.“, изјави Крис Марфи, американски сенатор при скорешната посета на Македонија.

На оваа посета на сенаторот Марфи му претходеше Сослушување во американскиот Сенат за Македонија на кое тој лично се интересираше за состојбите во македонско-бугарските односи и за важноста од уставните измени за продолжување на европскиот пат на земјава.

Дерек Шоле, советникот на Стејт Департментот на сослушување за Западен Балкан во Комитетот за надворешни работи на Сенатот, појасни „дека треба да се донесат тешки одлуки во однос на уставните промени кои од нив се бара да ги направат, но дека САД ја поддржуваат Македонија во тие напори, а тоа ќе помогне да се отклучи следната фаза од нивниот процес за пристапување во ЕУ“

За поддршката на САД за интеграцијата на регионот во ЕУ зборуваше и заменик-помошникот државен секретар на САД за Западен Балкан Габриел Ескобар.

„За да ги продолжи своите аспирации кон ЕУ, Северна Македонија е посветена да донесе уставни промени за признавање на бугарското малцинство. Силно го поддржуваме овој тежок, но неопходен чекор“, изјави Ескобар.

Ескобар рече дека од опозицијата не се бара да го поддржи премиерот, туку евроатлантскиот пат на Македонија.

На сите овие апели, укажувања и предупредувања нашата опозициска ВМРО-ДПМНЕ одговара дека под овие услови и под бугарски диктат уставните измени не се можни и тие како претставници на граѓаните немаат легитимитет да одлучуваат по ова прашање, дека власта еднострано тера процес без да бидат уважени забелешките и укажувањата од страна на опозицијата.

За на Американците од чиста суета да им кажеш fuck off треба да си или глуп или пак многу моќен. Па дури и тогаш ќе треба да се размислиш малку пред да го сториш тоа.

Друго е прашањето ако некој од надвор те спонзорира за да му бидеш маша во глобалните геостратешки игри за надмоќ, поттикнати уште повеќе со реалната војна што се одвива на европскиот континент во Украина.

Нашата опозициска ВМРО-ДПМНЕ се однесува баш така, како да е поддржана од моќна сила надвор од НАТО алијансата, која ја охрабрува да ја држи Македонија на другата страна од евроатлантскиот блок со кочење на процесот на пристапните преговори со ЕУ.

Американскиот ангажман во Украина е јасен, а ние како НАТО сојузник сме определени на таа страна. Затоа ВМРО-ДПМНЕ не само што со таквиот став си создава моќен непријател од што може да има последици како партија, туку ја става во залог и државата и граѓаните.

САД досега се докажале како наши големи пријатели и во време кога другите сили само се декларирале како такви. Нема потреба од пријател да направиш непријател. Особено моќен.

Текстот е личен став на Авторот. Дозволено е преземање на текстот според лиценцата Creative Commons 4.0. | Извор: Frontline