Премиерот Христијан Мицкоски во гостување во гостување на вестите во Сител Телевизија зборувајќи за наводните доцнења на социјална помош, истакна дека Владата нема да дозволи да се злоупотребува истата бидејќи имало случаи кои по различни основи добивале и по 60-65 илјади денари месечно.
„Состојбата е стабилна, но мора да се научиме на ред и дисциплина. Не може стихијно да се трошат парите и не може преку лажни фактури да се цица и да се молзе буџетот. Кога сме кај социјалната помош, има многу случаи каде што социјална помош, а веќе ги анализираме, се зема по неколку основи. Имаме социјални коишто примаат ГМП, гарантирана минимална помош, но и други помоши до 60-65 илјади денари месечно, по неколку основи што ги добиваат. Тоа е крадење, тоа е незаконски. Да, ќе го прочистиме и ќе го филтрираме списокот на корисници на гарантирана минимална помош затоа што се грижиме за државата и се грижиме за иднината на државата“, потенцираше Мицкоски.
Тој исто така додаде дека и покрај лошата состојба и безредието во кое се наоѓаше државата по преземањето на мандатот, се направи консолидација и веќе се бележат врвни економски резултати во Европа според нашиот БДП.
„Ние можеме сето ова под тепих да го ставиме, колку собираме, толку да делиме да ја задолжуваме државата, но дали е тоа одговорно за генерациите по нас? Не, ние треба да ја консолидираме, ја консолидиравме. Да не ве потсетувам од каде почнавме, немавме држава, немавме систем, уништено беше сè. За година ипол се консолидира, бележиме резултати економски коишто се врвни во Европа, за нашиот БДП, да се разбереме, да не бидам погрешно сфатен. Е сега кога сето ова ќе го имаме предвид логични се овие предизвици, не е нешто нелогично, но мора да има ред и дисциплина“, истакна Мицкоски и додаде:
„Ако е тоа политичката цена којашто треба оваа влада да ја плати, којашто води дисциплинирана, без скандали политика, политика којашто ги брани националните интереси, политика на дисциплина, ред и поредок, во ред ќе ја платам. Но, мора да има ред и дисциплина. Не може веќе стихија, фирми инстант да ни се појавуваат, фиктивни фактури да пријавуваат за увози милионски, а потоа милионски суми поврат на ДДВ да бараат дека наводно робата им е складирана во магацин и без контрола на УЈП да им се враќа ДДВ-то. Е тоа веќе нема и затоа се таму кај што се, во притвори и во затвори. И допрва ќе има.“
ПОПУЛАРНО НА ИНТЕРНЕТ...
