Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на тоа колку би била реалната цена нафтата, доколку Владата не ја донесе одлуката за намалување на данокот на додадена вредност, изјави:
„Доколку не се донесеше оваа одлука и претходните одлуки за намалување на акцизата, еве на пример цената на дизел горивото ќе беше за отприлика 11-11,5 денари поскапа по литар, од ова што е денеска. Со други зборови, имајќи го предвид зголемениот конзум на бензинските станици во државата, посебно оние што гравитираат во северниот, западниот и јужниот дел од земјата, поради притисокот на граѓаните што доаѓаат од Грција, Албанија и Србија, стигнавме до повеќе од 2 милиони литри гориво коешто се точи на македонските бензински станици. Имајќи предвид дека отприлика седумдесетина проценти е дизел гориво, тогаш доаѓаме до некаде околу милион и четиристотини, милион и петстотини илјади литри. Што значи дека само по основ на дизел горивото, дневната заштеда на македонските граѓани е повеќе од 250.000 евра. Или ако се земе предвид отприлика две недели и доколку се земе предвид веќе намалената царина, односно акциза за безоловниот 95 и 98 октански, тогаш доаѓаме до бројка помеѓу 4,2 и 4,5 милиони евра, тоа е директна заштеда којашто ја имаат македонските граѓани. А индиректната заштеда се проектира во ниската ставка на инфлација. Ние веќе два месеци, јули и август во пикот на најголемата светска енергетска криза што ја памети човештвото, имаме би рекол една од најниските ставки на инфлација, многу подолу од Европската Унија. Во регионот сме меѓу најниските, само нашиот северен сосед Србија има за некоја 0,3-0,2 проценти пониска ставка на инфлација. И она коешто исто така сакам да го напоменам е дека во моментот имаме најниска цена на дизел горивото и на безоловниот 95 и 98 октански бензин и ако се спореди со цената којашто ја имаат нашите соседи, па и во Европа, тогаш разликата е помеѓу 20 и 50%. Тоа значи дека оваа Влада води сметка во рамките на своите можности и повеќе од што може за да го заштити стандардот на граѓаните.“
фото Влада