– Денес не промовираме само еден стратешки документ. Денес ја потврдуваме нашата решителност да ја изградиме модерната, паметна и дигитална држава. Држава што работи за граѓаните, држава што е транспарентна, ефикасна и правична, порача премиерот Христијан Мицкоски.

– Националната стратегија за развој на ИКТ – СМАРТ/МК 2030 е визија, но и јасен план. Таа е одговор на реалните предизвици со кои се соочува нашето општество и патоказ за тоа каква држава сакаме да бидеме во следната деценија.

Дигиталната трансформација не е само воведување нови технологии. Таа е системски процес кој подразбира длабока промена во начинот на кој функционира државата, во културата на институциите и во односот кон граѓаните и бизнисите. Таа значи поедноставни и побрзи услуги, помалку бирократија, повеќе отчетност и поголемо учество на граѓаните во креирањето јавни политики.

Како Влада, дигитализацијата ја поставивме како еден од нашите клучни стратешки приоритети. Затоа што знаеме дека дигиталната држава е предуслов за владеење на правото и ефикасна борба против корупцијата. Кога процесите се дигитални, трагата е видлива, а одговорноста е јасна. Кога системите се поврзани, нема простор за злоупотреби, селективност или привилегии.

Стратегијата СМАРТ/МК 2030 го обликува патот на дигиталната трансформација на Република Македонија во согласност со нашите специфики, вредности и долгорочни државни интереси. Таа претставува детален и реален патоказ за надминување на развојните предизвици во областа на информатичко-комуникациските технологии и обезбедување забрзан дигитален развој во сите сектори – од јавната администрација, преку образованието и здравството, до економијата и локалниот развој.

Овој документ се темели на принципите и насоките утврдени во Патоказот за дигитална трансформација, а воедно е целосно усогласен со Националната развојна стратегија 2024 – 2044, каде што развојот на човечкиот капитал и дигитализацијата на општеството се препознаени како централни двигатели на напредокот. Нема силна економија без дигитални вештини. Нема современо општество без дигитално писмени граѓани. И нема конкурентна држава без иновативен ИКТ-сектор.

Посебна вредност на стратегијата е тоа што таа прецизно ги адресира и краткорочните и среднорочните приоритети утврдени во Националната програма за усвојување на правото на ЕУ. Донесувањето на оваа стратегија, како и усогласувањето со европското законодавство во областа на електронските комуникации, дигитализацијата на институционалните регистри, воведувањето работа во облак, како и унапредувањето на правната рамка за електронска идентификација и доверливи услуги, се јасен сигнал дека сме подготвени за европски дигитални стандарди.

Но, стратегиите сами по себе не се доволни. Нашата обврска е оваа визија да ја претвориме во конкретни политики, мерливи резултати и реални промени во секојдневниот живот на граѓаните. Да изградиме држава во која услугите се достапни со еден клик, институциите комуницираат меѓусебно, а граѓанинот е во центарот на системот.

СМАРТ/МК 2030 не е документ за една институција или една влада. Таа е заедничка обврска – на институциите, приватниот сектор, академската заедница и граѓанското општество. Само со партнерство, знаење и доверба можеме да изградиме дигитална држава што ќе биде двигател на економскиот раст и гаранција за подобар квалитет на живот.

Дозволете ми на крајот да упатам и искрена благодарност до министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, за неговиот посветен ангажман и визија во процесот на подготовка и обликување на Националната стратегија за развој на ИКТ – СМАРТ/МК 2030.

Денес ја поставуваме основата. Нашата цел е јасна – паметна, дигитална и правична Македонија до 2030 година. Македонија што гледа напред, што инвестира во знаење, технологија и луѓе. Македонија што гради иднина, а не ја чека, изјави Мицкоски.