Соопштение на Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини:
Тврдењата на Венко Филипче, на денешната прес-конференција, се неточни дека државата ја напушта гасификацијата и новите правци на снабдување. Интерконекторот со Грција се гради со обезбедено финансирање, се подготвува поврзувањето со Србија, а домашната гасоводна мрежа се оспособува за ставање во функција.
Филипче треба да одговори на едноставно прашање: како државата се откажува од гасификацијата, ако гасоводот со Грција се гради со инвестициски грант и заеми од Европската инвестициска банка и Европската банка за обнова и развој?
Според проектните податоци од 19 октомври, на македонската делница се испорачани 64 километри цевки, заварени се 43, а 18 километри се поставени во ров. Експропријацијата е реализирана во обем од 97 проценти. Тоа се конкретни работи на терен, а не политички најави.
Паралелно се работи на трасата и проектирањето на поврзувањето со Србија. Новите интерконекции создаваат услови за повеќе правци и извори на снабдување. Затоа поврзувањето на буџетските усогласувања со наводна определба за зависност само од руски гас го изоставува токму она што се прави за диверзификација.
Министерството утрово веќе појасни дека изградбата на гасоводи и планираната набавка и складирање природен гас за стратешки резерви се одделни процеси, со различни финансиски и технички предуслови. Обезбедувањето резерви зависи и од достапен складиштен простор и транспортен капацитет. Буџетската промена сама по себе не докажува дека инфраструктурните проекти се напуштаат.
Од претседателот на СДСМ очекуваме одговорна критика, заснована на целосни информации. Издвојувањето бројки, без да се објаснат намената на средствата, одделното финансирање и напредокот на проектите, ја доведува јавноста во заблуда. Политичката пресметка не смее да биде поважна од точното информирање на граѓаните.
Гасификацијата продолжува. Министерството останува отворено за конкретни прашања и проверка на документите и резултатите.